понеделник, 19 ноември 2018 | Вести денес: 71 ново

Жешка фотелјата на Лазе Велковски во БЈБ: Внатрепартиски битки и сугестии од странски фактори

Тони Јакимовски, Сашо Тасевски, Миле Зечевиќ, Кирил Митиќ. Сепак,клучната битка е меѓу Тасевски и Јакимовски, обајцата фаворити на различни високи партиски табори. Јакимовски е солуција поддржана од странските фактори

Превирања во власта се причина што првото столче во БЈБ е празно, дознава Алфа. Нема конечен наследник, па дури се остава привремено челната позиција на Бирото да ја води ДУИ, односно на заменикот на Лазе Велковски – Деари. Иако овие денови околу разрешувањето на Велковски најсериозен кандидат, според Алфа, е Тони Јакимовски, актуелниот началник на СВР Скопје. Сепак, Јакимовски не е конечно име поради внатрепартиски битки во СДСМ и сугестии од странски фактори.

Неофицијално, во игра се и Сашо Тасевски, актуелен началник на Шеста управа, поранешен телохранител на министерот Спасовски, но и на американскиот амбасадор Џес Бејли. На јавноста ѝ е познат како човекот кој пукаше во Собрание, за време на случувањата на 27 април лани, за што подоцна објаснувањето беше дека тоа било начин да го заштити премиерот.

Меѓу другите имиња за кои се води битка во власта за оваа позиција, е и актуелниот надворешен советник на премиерот и поранешен директор на УБК, Миле Зечевиќ. Но и Кирил Митиќ, кој долго време е дел од Министерството за внатрешни работи.
Сепак, според извори на Алфа клучната битка е меѓу Тасевски и Јакимовски, обајцата фаворити на различни високи партиски табори. Јакимовски е солуција поддржана од странските фактори.

За Заев, Велковски е квалитетен кадар и нема да е лесно да се најде соодветна замена, меѓу другото, и заради тоа што, како што рече премиерот, барањето за разрешување на Велковски било неочекувана ситуација.

Владиниот портпарол Хоџа не откри кои се имињата што се во игра, но не го демантираше ниту името на Јакимовски.

Велковски секако останува во МВР, тоа го потврди и Заев. Неговиот претпоставен иницираше разрешување откако СВР, дури после 5 дена од скандалот, констатираше дека Велковски на 2-ри август без дозвола на Спасовски со полициски џип ја прати ќерка си во Грција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top