недела, 18 ноември 2018 | Вести денес: 0 ново

Шилегов: Ни кучиња, ни комарци касаат во златно Маврово

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов објави фејсбук статус во кој наведува дека во Маврово нема ниту кучиња скитници кои касаат, ниту комарци кои ги вознемируваат жителите, како што тоа е случај со граѓаните на град Скопје.
Шилегов неофицијално одлучил да провери дали е можно во Маврово да се живее подобро од Скопје, каде се поголемите проблеми со комарците и кучињата скитници се нерешлива енигма за градските власти. Стратегијата на Шилегов и неговиот кабинет е да се испитаат можни локации на кои е добро незадоволните скопјани да се преселат, бидејќи градот ја губи битката со комарците.
Доброупатени извори од кабинетот на градоначалникот велат дека првичните резултати се одлични, Шилегов е презадоволен и дека наскоро ќе започне кампања со која ќе им препорача на сите скопјани да се преселат во Маврово за да куртулат од комарците, кучињата и другите проблеми во градот.
„Идејата е што повеќе скопјани да се преселат во Маврово, а во Скопје да доаѓаат за викенди и за гласање на избори, референдум или слично. На овој начин ќе се намали обемот на работа на градските власти со што ќе може попосветено да работат на клучни проекти како боење на буквите на Тито или пуштање во употреба на автобуски станици кои се клучни капитални проекти за доброто на граѓаните“, велат од кабинетот на градоначалникот.
Нашите извори додаваат и дека Шилегов оваа голема преселба на скопјани ќе ја помогне така што ќе дели ваучери од 5.000 денари на сите кои ќе сакаат да купат куќа во Маврово.
„За таа цел, тој купи куќа во Маврово, за да можат сите граѓани на Скопје да дојдат и да видат како убаво живее градоначалникот Шилегов, без да се замара за комарци, кучиња и злобни коментари од вмровци кои нон стоп се жалат за нешто во Скопје“, додаваат од кабинетот на градскиот татко.

Ајварка Пиперка

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top