сабота, 22 септември 2018 | Вести денес: 37 ново

Дијабетичарите принудени меѓу себе да си позајмуваат инсулин бидејќи го нема во аптеките

На повидок е нова инсулинска криза во Република Македонија, дијабетичарите со месеци мака мачат да дојдат до лекот од кој им зависи животот. Резервите треба да траат до ноември, но ние веќе се соочуваме со дефицит на инсулин. Дијабетичарите се принудени меѓу себе да си позајмуваат инсулин бидејќи не може да го најдат во аптеките, вели претседателката на Здружението на лицата со дијабетес „Алегрија“, Рената Јакимовиќ за Макфакс.мк

– Има поплаки од целата држава дека нема инсулин. За жал, во 21 век сме доведени лицата со дијабетес да немаат редовна достава на инсулин, односно не може да го подигнат инсулинот од аптеките и сето тоа се должи на паралелниот увоз и нередовната достава. Тоа предизвикува огромен проблем кај лицата со дијабетес затоа што тие живеат од лекот и не смеат да се доведат до степен да отидат во инсулинската аптека и од таму да кажат дека нема инсулин – вели Јакимовиќ.

Лицата со дијабетес, поради недостиг на инсулин, се принудени меѓу себе да си позајмуваат пенкала за да имаат за цел месец, а потоа, кога ќе стигне редовната достава, ги враќаат инсулините од каде што ги позајмиле и така во круг.

– Дијабетичарите од целата држава контактираат меѓу себе преку социјалните мрежи и на тој начин си позајмуваат инсулин. Праќаме преку луѓе што ги знаеме или преку автобуси, нешто што во никој случај не смее да биде практика, а за нас тоа е секојдневие – вели Јакимовиќ.

По објавата за недостиг на инсулин во државата, Министерството за здравство одлучи уште утре да распише тендер за набавка на инсулин. И покрај сведочењата на лицата со дијабетес дека во аптеките нема доволно инсулин, од Министерството сепак тврдат дека нема да има инсулинска криза, односно дека има доволно залихи од лекот за дијабетичарите.

Останува отворено прашањето зошто Министерството за здравство воопшто чекало до сега за да го распише тендерот и дали повторно станува збор за некакви калкулации околу набавките на инсулинот.

,,Во врска со објавата дека на повидок е нова инсулинска криза, Министерството за здравство ги демантира дезинформациите за недостиг на залихи и негрижа кон пациенти. Имено, тендерот за набавка на инсулин ќе биде распишан веќе утре, додека сите подготвителни процеси за истиот се веќе завршени, а целата постапка е навремена и соодветно испланирана. За пациентите на инсулинска терапија, со новиот тендер ќе обезбедиме квалитетни инструменти и квалитетен инсулин.

Моментално залихи во инсулинските аптеки има доволно. Доколку во некоја инсулинска аптека има недостиг на инсулин, истиот може да се добие во најблиската друга инсулинска аптека. Министерството за здравство се грижи пациентите во континуитет да се снабдуваат со инсулин во соодветни рокови, воедно и ги работи плановите за распределба врз основа на потребите на населението.

Дезинформациите во кои се инсинуира можно трошење на залихите, создаваат паники во јавноста и се многу штетни за здравјето на пациентите кои се на инсулинска терапија. Министерството за здравство ви стои како и секогаш на располагање за обезбедување точни и проверени информации, кои се од интерес на јавноста и пациентите, а се поврзани со нашата работа”, се вели во реакцијата од Министерството за здравство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top