четврток, 20 септември 2018 | Вести денес: 117 ново

Скопскиот оџа им бил ментор на седумтемина уапсени терористи, од Скопје, Прилеп, Гостивар и Тетово

Седумтемина борци за Исламска држава кои во вторникот беа уапсени на Меѓународниот аеродром Скопје, а заробени во Сирија во соработка со Глобалните коалициски сили и логистичка поддршка на САД и депортирани во Македонија, биле ученици на оџата Реџеп Мемиши од чаирската џамија „Тутунсуз”, кој пак минатата година беше осуден на седум години затворска казна за учество и организирање паравојска и регрутирање војници за борба во редовите на ИД.

Терористите, кои по потекло се од Скопје, Прилеп, Тетово и Гостивар на возраст од 23 до 41 година, биле донесени со воен авион, а според полициски извори, уапсените дури биле и среќни што со лисици на рацете се вратени во матичната земја, со оглед на тоа што повеќето приведени во Сирија и Ирак биле ликвидирани. Сите ќе одговараат по член 322а, а еден од нив и по член 394а од Кривичниот закон, објави МИА.

Акцијата за апсењето на терористите се оценува како успех, а според безбедносните служби, тоа ја подигнува безбедносната состојба во Македонија на повисоко ниво бидејќи повеќе години биле барани по потерници и процесуирани во нашата земја.

Македонија е дел од меѓународната коалиција за борба против тероризмот, а македонските безбедносни служби во таа насока соработуваат со сите странски партнерски служби. Во таа насока, МВР во 2014 година по измените на Кривичниот законик спроведе акции против ИД во Македонија.

По акциите Ќелија 1 и 2, првата во 2015, а втората следната година, нема повратници од боиштата на ИД, како што се очекувало. Во првата операција беа уапсени девет лица, а по 27 осомничени се трагаше. Во втората беа уапсени четири лица.

Од полицијата уверуваат дека во рамки на глобалната коалиција за борба против тероризмот, Македонија продолжува и понатаму со континуирани активности во насока на детектирање, идентификување, неутрализирање и кривично гонење на странски терористички борци.
-Република Македонија како една од земјите која ги прифати Резолуциите 2178 (2014) и 2396 (2017) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, презеде обврски за кривично гонење на своите државјани кои како странски терористички борци учествувале во кризните боишта во Сирија и Ирак и нивно враќање во матичната земја, почитувајќи го домашното и меѓународното право, како и основните човекови права и слободи, се вели во соопштението на МВР по приведувањето на терористите.

Како дел од реформите содржани во Планот 3-6-9, пред неколку месеци Владата усвои две стратегии. Едната е фокусирана на борба против тероризмот, а другата на превенирање на насилен екстремизам, каде секако спаѓа и радикалниот ислам.
Стратегиите за борба против тероризам и за спротивставување на насилен екстремизам ги достави Националниот комитет за спречување на насилниот екстремизам и борба против тероризмот, кои сега треба да ги спроведат во пракса.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top