вторник, 20 ноември 2018 | Вести денес: 45 ново

„Светска војна“ за изумот на Шилегов: Проектот за бесшумни „нинџа“ авиони од врвен интерес на најмоќните држави во светот

Градоначалникот на Скопје е на добар пат да стане советник на една или повеќе армии на најсилните светски сили, откако на виделина излезе неговиот таен проект и генијален изум – бесшумни авиони за уништување комарци. Неофицијално, најмоќните армии водат „војна“ која прва да стигне до тајниот проект на скопскиот градски татко.
Авионите на Шилегов се толку софистицирани што никој ниту ги видел, ниту ги чул, а технологијата со која ги уништуваат комарците е исто така врвна и тајна, при што комарците не се ни свесни дека се уништени. Нивниот начин на делување е пософистициран дури и од начинот на делување на најопасните невидливи борци – нинџите.
Токму овие иновации кои не беа препознати од македонскиот фонд за иновативно доделување државни пари, наидоа на огромен интерес кај 17 армии на најмоќните земји во светот, од кои дел веќе пратиле преговарачи во Скопје за да се сретнат со градскиот татко Шилегов и да го убедуваат да им го продаде патентот за оваа „вонземна“ технологија.
Според извори од кабинетот на скопскиот градоначалник, предност ќе имаат земјите кои се НАТО членки, но и земјите кои се дел од операциите во Авганистан, Ирак, Сирија и насекаде каде што има борби со герилци и бунтовници за чие истребување се потребни вакви невидливи напредни технологии.
„Замислете како тоа изгледа… во акција во Сирија се уништуваат илјадници терористи со невидливи и бесшумни авиони, толку тајно што ни терористите нема да знаат дека се уништени. Врв, невидено. Шилегов заслужува огромна награда или ваучер за овој изум, за овие нинџа авиони… секоја му чест. Го задолжи светот!“, коментираат анонимни безбедносни експерти целата планета.

Пиперка Ајварка

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top