вторник, 23 октомври 2018 | Вести денес: 36 ново

Пијанистиката Даница Стојанова по 26 години повторно ќе настапи во Рим

Реномираната македонска уметница, пијанистиката Даница Стојанова, по 26 години ќе настапи по вторпат во Рим – градот отворен музеј, како што го нарекува таа.

Првиот пат, далечната 1992 година, како студент на постдипломски студии беше одбрана да настапи со група македонски уметници професори по повод чествувањето на празникот „Св. Кирил и Методиј“. Овојпат Стојанова ќе се претстави пред публиката во Рим со целовечерен солистички концерт со дела од челичниот класичен репертоар на Бах-Лист, С. Рахмањинов, како и дела од македонските автори на класичното творештво Р. Аврамовски, Т. Зографски, Г. Коларовски и Ј. Андреевска.

– Го прифатив настапот со радост и задоволство, програмата за концертот е динамична, посебно се радувам што ќе бидат слушнати дела од нашето македонско класично творештво и што ќе свирам во античкиот театар Марчело – изјави Стојанова.

Даница Стојанова ги завршила студиите и постдипломските студии на ФМУ во Скопје, а занаетот продолжила да го учи на студииските престои од светски реномираните учители, А. Дел Вињ (Холандија), Љ. Рошчина (Русија), Жак Рувие (Франција), Ж. Захариева (Бугарија) и др.

Работи како професор по пијано и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

Концертот е поддржан од Министерството за култура на РМ, а организатор е агенцијата за култура Ил Темпието од Италија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top