недела, 21 октомври 2018 | Вести денес: 74 ново

Валентин Светозарев искористи изгорени дрва од пожар за сценографија на „Орестија“ во режија нан Пројковски

Вечерва, на 10 август е закажана премиерата на претставата „Орестија“ на Есхил во режија на Дејан Пројковски која ќе се одржи на некогашниот паркинг пред планинарскиот дом во најисточниот дел на Сплит, Хрватска, на падините на планината Мосор. „Орестија“ е во рамките на 64. издание на Фестивалот „Сплитско лето“, а претставата ќе има четири изведби – 10,11,12 и 13 август. Два и пол века старата трилогија на познатиот грчки драматург се занимава со семејното насилство, со семејните гревови и проклетства, каде што синот ја убива мајка си за да го одмазди својот татко.

Сценографот и верниот соработник на Пројковски, Валентин Светозарец за претставата искористи стотина борови кои изгореле во ланскиот голем пожар што ја зафати планината и околината на Сплит.

Теренот кој е направен за претставата мештаните потоа ќе го искористат за спортски активности. По „Сплитското лето“ дополнително ќе биде уреден, а за да биде во функција на претставата на просторот биле донесени 300 тони материјал. Просторот е идеален за претстава бидејќи оттаму се гледа цел Сплит.

Режисерот Пројковски вели дека освен со пожарите, со античките Грци нѐ врзуваат и други теми.

– Старите Грци ги интересирало дали демократијата има смисла и како да се оствари идеалната држава – вели Пројковски.

Тој смета дека прашањата кои Есхил ги проблематизира во драмата и денес се актуелни.

– Не станува збор само за политичките проблеми. Го нема веќе Олимп, но, сепак, слушаме богови на кои им даваме други имиња – смета Пројковски.

Злосторството раѓа злосторство, пролеаната крв бара ново крвопролевање. Тоа е една голема тема со која се занимаваме – злосторството треба да се санкционира и да се запре на друг начин – никако со ново злосторство.

– И денес, во 21. век, се избегнува човекот да се гледа како индивидуа, како поединец. И денес се прашува чиј/а си, на која страна е/била твојата фамилија, што работеле твоите родители… И вака не е само во нашите краишта, ми се чини дека тоа се случува секаде во светот – вели Пројковски, кој вторпат во кариерата го режира Есхил.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top