петок, 17 август 2018 | Вести денес: 19 ново

Почнува 13. по ред АКТО – Фестивал за современи уметности

Тринаесетто по ред издание на АКТО, фестивалот за современи уметности, кој ќе се одржи годинава од 23 до 25 август во Битола, во организација на Факултетот за работи што не се учат, на тема „Општество во изградба“ ќе се случува во соработка со повеќе организации меѓу кои и граѓанската платформа „Мрдни со прст“.

Куратори на фестивалот се Ивана Васева и Филип Јовановски, додека куратори на музичката програма се Виолета Качакова и Мирко Попов. Куратори на програмата АКТО Агора се Ивана Васева, Биљана Тануровска – Ќулавковски и Филип Јовановски.

Годинава, АКТО ќе има 5 програми: АКТО Уметничка програма, АКТО Музика, АКТО Агора, АКТО за заедницата и АКТО Воз, некои од нив специјално создадени за фестивалот. Во рамки на фестивалот ќе земат учество многу соработници, кои имаат за цел да го градат неговото социјално, културно – уметничко и урбано заедништво, а како простори за своите активности, фестивалот ќе ги користи јавните ресурси кои ги нуди градот.

АКТО годинава го отвора прашањето „Во кој контекст се создава фестивалот и каков контекст тој создава?“
„Промената на општествено – политичката констелација во земјава отвори серија на прашања, недоумици и фрустрации во сите сфери на јавниот живот. Нетрпеливоста и тешкиот пат на ослободување од напластениот гнев, но и изразените партикуларни интереси проследени со силна пропаганда на успешност, се кочница во сериозната анализа на случувањата и проекциите за иднината. Слабите стратегии на разединетите институции, може повторно да ги заглават потентните нови форми на вонинституционално делување, кои можат да бидат инспирација за многумина. Културата и уметноста, изманипулирани и разулавени, не соочуваат со основните прашања – дали ќе дозволиме тие да бидат алатка на лични интереси, национал-клиентелизам и/или либерални стратегии или одлучно ќе овозможиме да свртат друг правец во градење на стабилна и силна социо-културна и уметничка сцена“ велат кураторите на фестивалот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top