петок, 17 август 2018 | Вести денес: 19 ново

Паѓаат оставки во ПФМ поради „случајот Евгениј Поп Ацев“

Александар Поповски си поднесе неотповиклива оставка на функцијата член на Управниот одбор на Пливачката федерација на Македонија (ПФМ).

Тој одлуката ја донел од морални причини во врска со случајот со пливачот Евгениј Поп Ацев.

–  Како долгогодишен спортист, спортски работник и сега како професор во спортот и спортскиот менаџмент, целиот свој живот го посветив на единственото нешто кое води до врвен спортски резултат, а тоа е фер-плејот. Искрено се надевав дека ќе го дадам својот придонес за развој на пливањето во  Македонија, но очигледно многу сум погрешил.
За што се работи ? Се работи за неправдата која му е нанесена на нашиот пливач Евгениј Поп Ацев кој макотрпно работи веќе дваесеттина години и ни носи само успеси, не само за себе и своето семејство; на најтрофејниот клуб , АПВК СТУДЕНТ од Скопје, и на крајот и на нашата држава.
Имено, од март месец до денешен ден на повеќе наврати раководството на ПФМ, од неразбирливи причини за мене, го опструираат неговото учество на значајни маратонски трки, а врв на сето тоа однесување е ненавременото пријавување за моменталното европско првенство кое се одржува во Глазгов и покрај ветувањата од нивна страна пред месец дена дека се е во ред и дека Евгениј ќе настапи на истото.
Моето учество во УО на ПФМ беше со цел да ваквите грешки кои беа дел од минатото да не се повторуваат и да се грижам за добробит на сите пливачи – напиша во оставката Поповски.

Поп Ацев вчера обвини дека ПФМ намерно не го пријавила за учество на трките на десет километри и на 25 километри на отворени води на Европското првенство во Глазгов.

Федерацијата денеска преку соопштение потпишано од претседателот на ПФМ, Александар Маленко, ги отфрли обвинувањата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top