понеделник, 20 август 2018 | Вести денес: 0 ново

Со новите давачки, цигарите сигурно пред нас ќе влезат во ЕУ

На пазарот ќе има нови тутунски производи ама и за нив ќе мора да се плаќа акциза. Согласно новиот Закон за тутун и новиот Закон за акцизи во Македонија во иднина ќе се продаваат и тутун за водено луле (за наргиле), тутун за џвакање, тутун за шмркање и несогорлив тутунски производ. Акцизите се различни и ќе се зголемуваат секоја година.

Законот за акцизи веќе е објавен и според предложените одредби, акцизата на тутунот за водено луле (тутун за наргиле) изнесува 1.750 ден по килограм нето тежина. Иста е акцизата и за тутунот за шмркање и за тутунот за џвакање.

Акцизната давачка пак за несогорлив тутунски производ изнесува еден денар по парче и 5 отсто од малопродажната цена. Ако комбинираната акциза е пониска од 1,2 денари по парче, се применува минималната акциза во износ од 1,20 денари за таа количина.

За несогорливиот тутун, „Фактор“ веќе пишуваше. Станува збор за производ од тутун кој се користи со помош на уредот во кој тутунот се загрева, не согорува, а се инхалираат продуктите кои испаруваат при загревањето. Дел од граѓаните во земјава веќе го користат, ама го набавуваат од соседните земји, од Бугарија, Србија или Грција, каде продажбата веќе беше регулирана.

Значи не станува збор за електронска цигара, а ваквиот тип производи функционираат на принцип на несогорување на тутунот. Содржат и никотин. Се разбира и овие производи не се корисни, но се сметаат за подобра алтернатива на обичните цигари.

Инаку секоја година акцизите ќе растат. За тутунот за наргиле, за џвакање и за шмркање од јули следната година до јули 2023 година, износот на акциза се зголемува за 125 денари по килограм нето тежина и тоа на секој први јули, секоја година.  Од 1ви јули 2019 година заклучно со 1 јули 2023 година, износот на специфичната и минималната акциза на несогорливиот тутунски производ се зголемуваат за 0,10 денари по парче, секоја година.

Усогласувањето е направено и во контекст на законодавствата од земјите членки на ЕУ и соседните земји од регионот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top