понеделник, 20 август 2018 | Вести денес: 0 ново

Нова атракција во главниот град: Два нови комарци во Зоолошката градина во Скопје

Раководството на зоолошката градина во Скопје соопшти дека фондот на живи суштества изложени во прекрасната зоолошка ќе биде збогатен со два нови комарци кои се очекува да пристигнат во наредните неколку денови, ако и не се веќе пристигнати, како што информираат од ЗОО Скопје.

Експертите соопштуваат дека комарците се редок вид на инсекти какви што нашиот народ особено Скопјани немаат видено одамна, па затоа со голем напор и добар менаџмент Зоолошката успеала да ги обезбеди и наскоро ќе бидат изложени пред очите на сите љубопитни граѓани.

„Многу сме среќни што успеавме во нашите напори конечно во скопската зоолошка да го обезбедиме овој редок вид на инсекти каков што Скопје не видел со децении. Идејата и силната енергија потекна од новиот менаџмент на Зоолошката, но истата немаше шанса да биде реализирана без сесрдната морална и материјална поткрепа од Град Скопје и таткото на градот Петре Шилегов, кој искрено се заложи неговите граѓани да се посреќни и да имаат поквалитетни содржини во градот, какви што се комарците“, велат од Зоолошката градина.

Агенциите за туризам веќе информираат дека граѓани од други градови од Македонија, но и од земји од соседството, веќе се распрашуваат за организиран превоз и целокупни аранжмани со ноќевање во Скопје за да ги погледнат овие посебни егзотични комарци какви што ретко видел светот.

„Станува збор за комарци од типот Vampirae Shilegorum кои се навистина ретки, речиси неуништливи со никакви средства за прскање. Не се плашат од авиони, најповеќе сакаат да пијат крв на љубители на алкохол и се склони кон девијантно однесување… се вели дека кога ќе пројдат над нив авиони со средство за нивно истрбување, тие го мешаат средството со текила, покажуваат средни прсти на авионите и започнуваат масовни оргии бидејќи ваквата комбинација на крв од алкохоличар и средство за нивно уништување, на овие комарци делува како сексуален стимулатор со што нивната репродуктивна моќ се зголемува неколкукратно“, соопштуваат од Зоолошката градина.

„Ова ќе е прв пат и Скопјани да може да уживаат во вакви ретки комарци и особено му благодариме на Град Скопје и градоначалникот Шилегов за тоа што ни ја овозможија оваа наша желба и нашата визија за иднината ја претворија во реалност, сонот во јаве. Го сонуваме животот, сите ние во Скопје и за тоа сме многу благодарни на властите“, додаваат скромно од ЗОО градината.

Се планира и свечено пуштање во употреба на кафезот во кој ќе се комарците на кое ќе има диџеј и голем огномет, а на кое ќе се обрати и градоначалникот Шилегов.

Ајварка Пиперка

*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.

*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top