недела, 21 октомври 2018 | Вести денес: 74 ново

Колинда Грабар Китаровиќ: Хрватска и Србија никогаш нема да се согласат околу минатото

Претседателката на Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ изјави дека Хрватска и Србија никогаш нема да се согласат околу минатото, но дека мора заедно да работат со цел за подобра идниина.

– Не гледам дека некогаш ќе се сложиме околу минатото, но мора да работиме заедно со цел за подобра иднина за двете страни – изјави хрватската претседателка за „Н1“.

По повод говорот на претседателот на Србија Александар Вучиќ кој вчера акцијата „Олуја“ ја спореди со прогонот на Ана Франк, Китаровиќ кажа дека таа негова изјава „нема да ја промени историјата, ни сегашноста“.

Хрватската претседателка, која е и врховен командант на оружените сили на Хрватска, синоќа на пензионираните генерали Анте Готовина и Младен Маркач им врачи медали за исклучителниот придонес во одбраната на Хрватска, а оцени и дека и порано требало да бидат одликувани.

На прашањето дали ќе дојде време хрватската и српската страна заедно во Книн да им одадат почит на сите жртви на војната, таа кажа дека мора да се работи за подобра иднина.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ во говорот во Бачка Паланка на централната комеморација по повод годишнината од страдањето на Србите во „Олуја“ ја спореди таа акција со нацистите кои во 1944 од засолништето ја одвеле Ана Франк во логор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top