петок, 19 октомври 2018 | Вести денес: 16 ново

Миноски: Со непродуктивните трошења се оди на концептот на плитка меморија на јавноста која што денеска е зачудувачки замолчена

Владеачката гарнитура во целиот период од своето владење до денеска не испорача никакви резултати на полето на економијата. Континуирано се задолжува, туркајќи ги граѓаните во се поголеми долгови, нема капитални инвестиции, а ниту странски директни  инвестиции нема на повидок. И економски раст нема, а сето тоа го чувствуваме сите ние на својот грб. Трошоците за живот растат, стандардот паѓа.

Податоците покажуваат дека за само три месеци, државниот долг е зголемен за 30 милиони евра, а јавниот за 50 милиони евра. Оваа загрижувачка статистика докажува дека задолжувањето расте алармантно и дека државата тоне во долгови, кои ќе бидат исплатени од џебот на граѓаните.

– Едно од ветувањата на актуелната власт беше дека ќе го намалат јавниот долг, сведоци сме дека апсолутното ниво на долгот надмина 5 милајарди евра, интензитетот на задолжувањето се зголемува, се користат математички гимнастики за да се прикаже дека релативниот долг се намалил на крајот на 2017 година, а не се говори за тоа дека на почетокот на 2018 година беше издадена нова еврообврзница. Имавме организирани протести од страна на тогашната опозиција, имавме испраќање на писма до инвеститорите во врска со задолжувањето во 2016 година, денеска јавнито долг е поголем за речиси 350 милиони евра во однос на 2016 година,тогаш изнесувал 4,7 милјарди евра денеска изнесува 5,139 милјарди евра, а Владата не убедува дека долгот е помал. Преку ноќ исчезнаа калкулаторите за висината на јавниот долг, ги немаме нарачаните коментарите на “загрижените економски експерти“за јавниот долг, гледаме дека како да постои колективна амнезија кај сегашната власт и нејзините сателити за се она што го говореше и јавно застапуваше пред година ипол – објаснува поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски, за Република.

Податоците говорат дека државниот долг месечно се зголемувал за 10 милиони евра или во просек, што би значело дека владата на Заев нè задолжувала дневно по 300.000 евра.

Јавниот долг на земјава ќе расте во наредните две години. Ако сега тој тежи 4,7 милијарди евра или е на ниво од 45,8 отсто од бруто-домашниот производ, идната година ќе достигне 52,4 отсто, а во 2019 година ќе се искачи до 55,9 проценти. Ова го предвидува најновата Фискална стратегија за периодот од 2018 до 2020 година што Министерството за финансии ја објави на својата веб страница. Јавниот долг, според стратегијата на Владата, ќе почне да се намалува дури во 2020, кога треба да дојде до 53,5 отсто од БДП.

Ваквото задолжување не би претставувало проблем доколку парите би се влевале во капитални инвестиции. Но, такви инвестиции во земјава нема. Како и да е, последните податоци покажуваат раст на индустриското производство, со што влааста побрза да се пофали дека тоа е нејзино постигнување. Миноски пак, размислува сосема поинаку.

-Индустриското производство расте не како резултат на владините мерки туку како резултат на поволната коњуктура на европските пазари и растот на економиите во регионот, чиј што компании се најголеми трговски партнери на компаниите во Република Македонија. Најголем раст на индустриското производство е забележан кај компаниите кои што работат во ТИРЗ-овите кои што беа впрочем и највеќе критикувани и целосно стигнатизирани од страна на актуелната власт – вели Миноски.

Бројките што ги објави Министерството за финансии покажуваат дека во првата половина годинава реализирани се само 16,65 проценти, односно од јануари до јуни од предвидените 400 милиони евра за годинава за капитални проекти потрошени се само 65 милиони евра. Во јуни месец, кога Владата очекуваше да се зголеми реализацијата, потрошени се само 11 милиони евра, што е помалку од претходните четири месеци.

Што велат бројките за последните десет години? Имено во период на светска економска криза или во 2008 година имало околу 98 милиони евра капитални инвестиции, следната уште повеќе или околу 102 милиони евра. Во 2011 година истите достигнуваат околу 150 милиони евра. Во периодот 2012 заклучно со 2015 година се движат од 120 милиони евра до 140 милиони евра. Во 2016 година која е година на криза во државава имало околу 100 милиони евра, а во 2017 околу 140 милиони евра капитални инвестиции.

Владата на Заев се расфрла со непродуктивни трошоци, трошејќи околу 1,7 милиони евра пари на граѓаните за да си купи нови возила, од најлуксузната линија на Фолксваген, Пасат.

Иако Зоран Заев ветуваше дека ќе ги укине непродуктивните трошоци и набавки, за да има повеќе пари за граѓаните, на електронскиот систем за јавни набавки беше објавен тендер од страна на АД МЕПСО во државна сопственост за набавка на мебел, кујни, гарнитури, столчиња, гардеробери, полици во кој главниот критериум е најниската цена.

– Наспроти ветувањата за поголема транспаретност со измените во Законот за јавни набавки се остава поголем простор за коруптивни практики. Сите се сеќаваме на ветувањето за намалување на непродуктивните трошоци, а денеска сме сведоци на сосема спротивно постапување на бројни скандали со непродуктивни трошења. Се оди на концептот на плитка меморија на јавноста која што денеска е зачудувачки замолчена, како и на користење на девизата заборавете што ветувавме, ние не се бориме за принципи битно ни е да располагаме со буџетот на државата.Сето тоа нема да не однесе до посакуваната цел повисок економски раст и подобар животен стандард за граѓаните на Република Македонија – вели Миноски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски  уште во месец мај истакна дека на економски план Македонија во последната година забележува доста негативни резултати.

-Не е остварен очекуваниот економски раст, нема план за инвестиции во нови капитални инфраструктурни проекти, ниту пак нови странски инвестиции, нема отворања на нови работни места, платите не се зголемуваат, незадоволни се сите категории на граѓани. Истовремено, за 3 месеци Владата ги задолжи граѓаните на Македонија за нови 300 милиони евра, јавниот долг за прв пат ја урна психолошката граница од 5 милјарди евра, а државниот долг е веќе над 4 милијарди евра, рече Мицкоски.

Потсети дека за време на најголемата финансиска и еконмска криза, ВМРО-ДПМНЕ успешно привлече над 2 и пол милијарди странски инвестции, отвори над 170.000 нови работни места и ја намали невработеност од рекодно високите 38 отсто во 2006. на 22 проценти во 2017. година.

-Искрено се плашам доколку Владата на СДСМ продолжи со тој негативен тренд многу лесно можеме да ги изгубиме тешко стекнатите конкурентни предности, кои уште ги имаме во однос на другите држави во регионот. Таквите негативни економско финансиски перформанси не само што не ни одат во прилог, туку истовремено можат сериозно да не оддалечат од очите на потенцијалните странските инвеститори, од континуираните реформски процеси и од остварувањето на посакуваните евро-атлантски цели, појаснува Мицкоски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top