сабота, 18 август 2018 | Вести денес: 1 ново

Вајда: Побарав од Ѓоковиќ гуру Имас да замине и да почне да јаде риба

Тренерот на Новак Ѓоковиќ, Марјан Вајда, во интервју за словачкиот весник „Шпорт“, открил дека еден од условите за негово враќање во стручниот штаб бил српскиот тенисер да ја заврши соработката со шпанскиот гуру Пепе Имас.
Враќањето на Вајда се покажа како клучно за понатамошната кариера на Ѓоковиќ, по периодот во кој Србинот играше најлошо во својата кариера.

Многумина, во тој период, за лошите игри го истакнуваа начинот на исхрана на Ѓоковиќ, како и соработката со гуруто Имас.

-Да, побарав тој да заврши со него, меѓутоа тоа не беше мојот главен услов. Морав лично да се видам со Новак и да направам точен план за наредите месеци. Во Барселона постигнавме договор околу мојот план и тогаш решивме дека во неговото опкружување не треба да има толку многу луѓе. Сакав да го тренира тенис, а не да филозофира за тенисот. Тој е тенисер и тоа мора да му биде приоритет, рекол Вајда.

Словакот не крие дека не му се допаѓал Имаз и целата негова филозофија.

-Тенисот не е филозофија, тоа е спорт во кој се натпреваруваат двајца мажи. Ако сака да владее со тенисот, тогаш мора напорно да тренира, да игра мечеви и да е психички јак.

Кога од другата страна на мрежата имате силен противник, тогаш мора да се сконцентрирате како да го нарушите неговиот ритам и каде ќе го сместите топчето, а не да размислувате за Буда. Драго мие што ги воспоставивме приоритетите и мислам дека поради тоа Новак напредуваше по само 13 недели соработка“.

Тренерот се погрижил и за начинот на исхрана, односно го убедил Ѓоковиќ дека треба да има повеќе протеини во неговите оброци.

-Морав да се погрижам да внесува повеќе протеини. Гебхарт Грич интензивно работи на неговата кондиција, а со тоа се врати и неговата мускулна маса. Новак е фантастичен прототип на атлета, има идеална фигура за тенис, но мораше да ја врати мускулната маса.

Иако диетата му е целосно вегетаријанска, мораше да содржи и животински протеини, бидејќи без нив ова немаше да биде можно. Започна да јаде многу риба, бидејќи не сакаше да јаде месо од други животни, дополнил Вајда.

Со враќањето на Вајда, за само 13 недели, Ѓоковиќ успеа да го освои Вимблдон. Тие двајца договориле соработката да трае најмалку до крајот на годината.

/topsport.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top