среда, 17 октомври 2018 | Вести денес: 3 ново

Кодот МК завиткан во црно!

Обврската на етикетата на увозниот производ да го има кодот МК е од 2006 година. На повеќето производи го има, но проверката што деновиве ја направивме низ трговската мрежа покажа дека на некои изостанува, иако нашата законска регулатива обврзува увозните производи што се продаваат во земјава во малопродажната мрежа да бидат означени со меѓународниот код МК. Во зависност од тоа каков е производот, етикетата, односно декларацијата на која е и кодот, се нанесува на пакувањето на производот или на самиот производ. Надлежните институции препорачуваат вака означените производи да не се купуваат и веднаш за тоа да се алармира во надлежниот инспекторат.

Се повеќе производи на македонскиот пазар во декларациите на македонски јазик го немаат кодот на државата МК. Надлежните премолчуваат за оваа појава, за која не мора да се биде многу умен за да се сфати дека произлегува од нашите односи со соседна Грција, но затоа, пак, граѓаните бурно реагираат.

На социјалните мрежи се објавуваат слики од производи на чии декларации местото каде треба да пишува МК е празно. Такви слики на својот фејсбук-профил деновиве постираше и претседателката на партијата Глас за Македонија, Солза Грчева.

-Кој дозволил увоз на козметика, каде на местото за ознака на нашата држава стои празно место??? Ќе прашав постои ли пазарна инспекција, царина итн. Ама одговорот на сите ви е јасен. Граѓанска непослушност за вакви увозни производи. Никој да не им купува. И не само на увозни, напиша таа како прилог на две фотографии на козметички препарати, пишува Грчева.

Во коментари граѓаните дополнуваат дека МК нема ни на декларациите на производите “7 дејс#, на “Бејк ролс#, на кеси за пакување и на други и, како и Грчева, повикуваат на бојкот на сите производи, на кои увозникот го игнорирал кодот МК.

Упатени лица, кои сакаат да останат анонимни, за “Вечер# велат дека, настрана од се, ова е непрописно декларирање, кое надлежните инспекции треба да го санкционираат. Додаваат дека иако законот со кој се регулира декларирањето е економски, тука е “дебело# вмешана политка, зашто кодот главно го нема на производи од Европската Унија кои се пласираат и на грчкиот пазар.

Да не се купуваат производите во чија декларација полето во кое треба да пишува МК е празно и веднаш за тоа да се алармира во надлежниот инспекторат, препорачуваат од Организацијата на потрошувачи на Македонија. Претседателката на оваа организција Маријана Лончар Велкова објаснува дека за козметичките производи и за детските играчки е надлежен Државниот санитарен и здравствен инспекторат, за храната Агенцијата за храна и ветеринарство, а за другите производи пазарната инспекција.

– Ако има непрописна декларација производот треба да се отстрани од промет, а увозникот да се казни, вели таа и повикува системот да функционира во поглед на означувањето на производите.

Сличен одговор добивме и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Неговата директорка Ирина Сотирова Бухова ни изјави дека кога инспекторите ќе наидат на производ со таква непрописна деларација, веднаш го отстрануваат од промет, а ги казнуваат и трговците. Од Царинската управа на Македонија, пак, ни изјавија дека тие не се надлежни за преземање мерки за ваквото прекршување на закон.

– Царинската управа на РМ не е надлежна за контрола на обележувањата на производите. Обележување на производи се прави при нивното пуштање во промет, што значи дека при увоз не е задолжително да бидат обележани, гласи одговорот од Царината, што го добивме по електронска пошта.

И додека инспекторите, очигледно се уште не се на терен за да го отстранат и да санкционираат за овој проблем, на социјалните мрежи врие. Граѓаните коментираатат: “Тунгузија#, “Тунгузија сме дефинитивно#, “Бојкот на производите без МК#, “Ова е противзаконски. На етикетата мора да има кој е увозник со адреса и телефон. Ова треба веднаш да се пријави во инспекција#, “Срамота навистина#, “И јас имам видено на кеси за замрзнување и постирав на ФБ, пишуваа луѓе дека одамна било така на некои производи.Ужас!”…

Обврската на етикетата на увозниот производ да го има кодот МК е од 2006 година. На повеќето производи го има, но проверката што деновиве ја направивме низ трговската мрежа покажа дека на некои изостанува, иако нашата законска регулатива обврзува увозните производи што се продаваат во земјава во малопродажната мрежа да бидат означени со меѓународниот код МК. Во зависност од тоа каков е производот, етикетата, односно декларацијата на која е и кодот, се нанесува на пакувањето на производот или на самиот производ.

Декларирањето на увозните производи во нашата држава и без овој недостаток кој е од понов датум и онака е проблематично. Македонските потрошувачи кога купуваат се соочуваат и со други проблеми. Иако законската регулатива е јасна и пропишува содржината на производот да биде читко испечатена на етикетата, најголемиот дел од трговците ги претпочитаат ситните букви. Овој проблем неодамна Европската Унија го реши со пропис со кој одреди која да биде големината на буквите на декларацијата.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека постојано водат борба со тоа декларирањето да биде прописно и читко, зашто, како што вели Лончар Велкова, информациите на декларацијката за содржината на шеќер, алергени, хемикалии… се многу битни.

– Бидејќи декаларциите се испишани со ситни букви, дел од потрошувачите не можат да ги прочитаат, па се снаоѓаат така што ги сликаат со мобилен телефон, а потоа сликата ја развлекуваат за да прочитаат дали производот содржи нешто што би можело да им наштети, посочува таа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top