сабота, 18 август 2018 | Вести денес: 64 ново

Ни доаѓа Огнена Марија: Ова никако не смеете да правите !

На 30 јули е Св. великомаченица Марина. Иако овој празник на црквата во календарот не е означен со “црвена буква”, но сепак е многу почитуван во црквата и меѓу народот.

Оваа Марина се роди во незнабожечки дом во Антиохија Писидиска. Со христијанството се запозна и се крсти на свои 12 години, по што доживеа да биде презрена од сопствените родители. Во времето на Диоклецијан, Олимвриј, царскиот намесник во Антиохија, кога слушна дека света Марина е христијанка, а пленет од нејзината убавина, првин сакаше таа да му биде жена. Кога таа одби, ја изведе на суд по секој пропис како христијанка. Света Марина беше цели два дена подложена на мачење и најпосле обезглавена. Поголем дел од нејзините мошти се наоѓаат во манастирот Света Марина, во областа Мала Преспа (македонските села во Албанија), каде се уште се случуваат чуда над нејзините мошти.

Светата великомаченица Марина е родена во Антиохија и е ќерка на жрец-идолопоклоник. На 15 (според други на 16 годишна возраст) по свирепо мачење ѝ била отсечена главата, околу 270 година. Тогаш се убиени и 15000 луѓе што поверувале во Исус Христос и ја прифатиле неговата вера кога на небото виделе знак додека била мачена светата великомаченица Марина. За спомен на нејзините страдања Светата православна црква нејзиниот ден го празнува на 30/17 јули. Во народот е позната како Огнена Марија и е господарка на оганот, но и покровител на сеидбите кои ги чува од поројни дождови и пожари.

Како што може да се види во народното верување сиве овие три дена се поврзани со оган. Името на Кирик во некои краишта според дијалектниот говор е блиско до чурук-чуруци (народен назив на овој празник), во Антиноген, исто така, имаме асоцијација на оган, а и светата великомаченица Марина народот ја вика Огнена Марија. И не случајно овие три дена во народниот календар и во народното сфаќање одат заедно, под едно име Горештици (од горештина ‒ многу топло) или Чуруци (од чур, чад-оган), бидејќи и во народното верување бројот три има посебно значајно место.

Во Велес се верувало дека „Чуруци фчурујат, запалујат куќите на тија што работат на тој ден, од тоа секого го стра да фане работа. Калајџиите празнуат тој ден за „чурец“. Во Охрид како што запишал Е. Спространов Света Марена ја држеле за да не стануваат бури. „Та ја пала – и креват снопојте и полоѕите. Ко да фатет ветришча, грмежи, дождој – да чуват Господ је“. Е. Спространов уште го забележал преданието дека „Света Марена била жива.

Манастирот и се наоѓал во Лʼнга. Еднуш еден Турчин је го украл стреброто и го продал на еден кувенџија. Кувенџијата го стопил и се спалајл. Тога ошол во манастирот пред Света Марена и је се молел. Ко да се молел по кротко, та се смејела; а ко да се бијал пак, ко да плачел и таја плачела од жалба. Фенерлија је Света Марена и иконата нејзина је фенерлија“.

Во Гевгелиско, празникот Св. Марена (Огнена Марија) го сметале за лесен праник, но сепак, сметале дека на овој ден не треба да се работи. Повеќе го празнувале жените зашто го сметале за женски празник.

Празникот на св. Марена (Огнена Марија) како селски празник се празнува во селото Зубовце, Гостиварско. Според преданието некогаш кога фатила голема суша испукала земјата во полето. Кога сушата се заканувала со уништување на родот во полето чудотворната Огнена Марија го донесла дождот и подарила богат род. „И оттогаш во чест на светицата се држел еднонеделен строг пост со верба, со надеж и со очекување годината да биде сончева и врнежлива – плодна и бериќетна.“ Спроти празникот жените оделе во црквата „Света Марија“, каде што носеле лепче-проскурник (проскура), варена пченица и шише ракија. На денот на празникот и мажите и жените оделе во црквата на свечена утринска богослужба.

Тука се осветувале панаѓиите што ги носеле некои семесјства, кои потоа се кршеле и се делеле меѓу присутните. Нафора (мали парлиња леб) се носеле дома и за здравје се давале на членовите од семејството коишто не биле во црквата на утринската литургија. По ручекот сите оделе на средселото на оро, а веселбата продолжувала до вечерните часови. На овој ден се правеле и по неколку свадби. По извесен прекин на празнувањето, поради атеистичкиот режим по Втората светска војна, последните години тоа повторно е обновено. Во црквата се носат панаѓии, се кршат на мали парчиња, а двајца што ќе ги најдат паричките се кумови за следниот празник. Кумовите со пијалок и мезе ги честат сите што присуствуваат на утринската литургија.

И Ефрем Каранов запишал верување од Кратовско дека „Горешници се празнуват три дни и зафаќат на Свети Кирик и Јулита на крајот на јули. Тие се од оган: кој не ги празнува Горешници, ќе му изгоре нешто преку годината.“

Интересно предание за оваа светица забележал и К. Шапкарев. Тој сведочи дека таа го уловила ѓаволот за коси и го тепала по главата со чекан, а на тој ден 17 јули селаните ниту жнијат, ниту вршат во чест на светицата која ја сметаат за претставителка и покровителка на жетвата и воопшто на сеидбата како грчката Деметра и бугарската Жива. Шапкарев запишал предание и за некој што не сакал да го почитува споменот и да празнува и ги принудил селаните жетвари ‒ момоци да жнијат во тој ден. И ете, не по многу се запалила сетвата сама од себе, а истовремено ги повеал селаните силен ветар, та не само што непожнеаната сетва изгорела сама, туку и веќе пожнеаната и собраната на крстици, ставици, снопови и полози.

Господарот на нивата, кој присуствувал на уништувачката на целата сетва, смајосан од неочекуваното чудо земал од се срце да се моли на св. Марена да му прости и да го угаси пожарот, при што викал: „Прости Св. Марено! Ти палиш, ти гасниш Св. Марено!“ Оттогај веќе на тој ден никогаш не жнеел.

Очигледно во најтоплиот период од годината, на празнувањето споменот на неколкумина свети великомаченици народот му посветил посебно внимание поврзувајќи го со оганот и со потребата за заштита од пожарите што во овој период од годината не се ретки. (Подготви Марко Китевски)

 

извор: pogled.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top