вторник, 16 октомври 2018 | Вести денес: 99 ново

Фонд за иновации: Немаме мандат да ја проверуваме сопственоста на компаниите

Фондот за иновации и технолошки развој тврди дека процедурата по која е спроведен првиот јавен повик од Столб 3 на Планот за економски раст на Владата на РМ е целосно транспарентна. По бурните реакции во јавноста за доделените грантови, од Фондот за иновации и технолошки развој велат дека немаат мандат, ниту обврска да вршат анализа на сопственичкиот капитал на компаниите кои аплицираат, ниту да вршат проценка на нивната политичка подобност. Од таму велат дека целосно стојат зад процедурата и, како што велат, транспарентниот начин на кој е спроведен првиот јавен повик од Столб 3 на Планот за економски раст на Владата.

„Ги поздравуваме сите повици да се испита работата на Фондот и ги повикуваме сите надлежни органи да го сторат тоа неодложно. Како и досега остануваме целосно транспарентни и отворени за одговор на сите прашања и дилеми кои се поставуваат во јавноста“, се вели во сооппштението на Фондот.

Оттаму потсетуваат дека на првиот јавен повик од Третиот столб се јавиле 236 компании од земјата, а 80 од нив кои ги исполниле критериумите ги добиле бараните средства во првиот инвестициски бран. Исто толку компании, додаваат од Фондот, ќе добијат средства во рамките на вториот инвестициски бран од Првиот повик.

– Би сакале да потенцираме дека Фондот ни досега, ниту во иднина, вршел или ќе врши дискриминација на компаниите по било која основа. Компаниите се оценуваат единствено според квалитетот на понудените проекти и придобивките од нив. Истовремено Фондот нема мандат, ниту обврска да врши анализа на сопственичкиот капитал на компаниите кои аплицираат, ниту да врши проценка на нивната политичка подобност, се истакнува во соопштението.

Од Фондот за иновации посочуваат дека критериумите кои компаниите треба да ги исполнуваат за да може да аплицираат, документација која треба да биде доставена, какви активности и трошоци се подобни за кофинансирање, критериумите за оценување на проектна апликација како и начинот на пред-селекција и евалуација и роковите поврзани со тоа се јасно наведени и објавени во Јавниот повик и правилниците. (http://www.fitr.mk/portfolio-item/stolb3/ )

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top