сабота, 18 август 2018 | Вести денес: 13 ново

Филипче: Тендерот уште не е доделен, сè уште е во фаза на евалуација

Министерството за здравство не склучило договор и фирмата која се споменува во јавноста се уште не го добила тендерот за набавка на реагенси на јавните здравствени установи, соопшти денеска на прес конференција, министерот за здравство, Венко Филипче по реакциите во јавноста откако медиумите објавија дека фирма која е формирана во април е единствена која се пријавила на тендерот тежок 35 милиони евра.

– Концептот на централизација на медицинските лаборатории ќе има голем бенефит за македонските граѓани и е проект во насока на европски модел кон кој се стремиме со цел реформирање на здравствениот систем и приближување кон модерните европски трендови. Концептот на централни набавки овозможува максимално искористување на средствата а во таа насока Министерството за здравство ќе има можност да ги контролира и предвидува трошоците за тестирање без оглед каде тие се изведуваат, рече Филипче.

Според него, до крајниот рок за поднесување понуди за тендерот пристигнала само една понуда.

– Во моментот постапката е во фаза на евалуација и се уште не е ниту стигнато до електронска аукција. Од причини што станува збор за тригодишна јавна набавка за тестови и реагенси за хемиски имунолошки, хематолошки и коагулациони анализи и проценетата вредност за истата е висока, но заштедата за буџетот на граѓаните е голема. Доколку не постигнеме заштеда тендерот ќе биде поништен. Целиот процес беше транспарентен и отворен за јавноста а на јавното отворање беа присутни претставници од граѓанскиот сектор и надворешни претставници на компаниите, рече Филипче.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top