сабота, 18 август 2018 | Вести денес: 69 ново

Промовирана монографија за Милена Дравиќ: „Ајде, што ќе ни се кифли, кифли се за живите“

“По ваква страшна ноќ со бомбардирање, уште и земјотрес, помислив. Ја затворив вратата од пекарницата и и велам на комшивката: Ајде, што ќе ни се нам кифли, тоа е за живи луѓе“, е дел од анегдотата на познатата српска актерка Милена Дравиќ, која таа ја раскажа на промоцијата на својата монографија, која неодамна се одржа во рамки на 65. Пулски фестивал

“За време на НАТО бомбардирањето во Србија имаше еден настан кој подоцна многупати го прераскажувавме. Всушност, ние од зградите често ноќите ги поминувавме во скривница, а наутро одевме дома малку да се средиме, да се закрепнеме… А тоа беше една навистина страшна ноќ. Тогаш беше погоден, односно срушен Генералштабот. И осамна некако утрото, а ние дали поради психозата или од нешто друго, одеднаш бевме премногу гладни. И тргнавме јас и комшивката преку патот во блиската пекарница да купиме некое печиво. И баш кога ја фатив кваката за да влезам внатре, одеднаш почнувам да се тресам и лулам, а од соседната зграда истрчуваат луѓе и викаат: земјотрес, земјотрес… По ваква ноќ, уште и земјотрес, помислив. Ја затворив вратата од пекарницата и и велам на комшивката: Ајде, што ќе ни се нам кифли, тоа е за живи луѓе“, раскажа познатата српска актерка Милена Дравиќ на неодамнешната промоција на својата монографија која се одржа во пресрет на 65. Пулски фестивал, на чие отворање, пак, филмската дива беше пречекана со громогласен аплауз и стоечки овации од публиката во преполната Арена. “Не очекував… Кога влеговме помислив – толку пати како актерка стоев на оваа сцена… А сега, какво возбудување… Величенствено“, додала таа тивко подоцна за ваквиот пречек во Пулската арена.

А на промоцијата на монографијата во киното “Вали“, како што пренесе српски “Блиц“, Дравиќ зборувала и за своите почетоци, за неколку маркантни улоги и моменти во нејзината кариера, за книгата, за улогата во филмот “Сутјеска“ ,за која од нејзиниот сопруг Драган Николиќ пред неколку години го добила комплиментот “најдрага и најголема во животот“, што претставува нејзин Оскар, за Пула…

Со “Прекубројна“ станав актерка

“За Пула и Пулскиот фестивал сум посебно врзана. Со филмот “Прекубројна“ (1962) на одличниот Бранко Бауер тука станав, а можеби и останав, најмлад добитник на “Златна арена“. Тоа беше мојот седми филм, но јас со него, со “Арената“, станав актерка, односно го освестив тоа во мене“, истакнала Дравиќ, потсетувајќи дека таа многу рано зачекорила во светот на филмот.

“Бев млада, а улогите се нижеа, но секако, човек никогаш не знае дали ќе остане во оваа работа, дали ќе го бараат, ќе може ли, ќе знае ли… А и тогаш, како и низ целата кариера, секоја задача ја работев со полна сила, и давајќи се од себе“, посочила српската актерка.

На прашање од публиката, колку е процентуално таа-самата, а колку во неа се сите оние други ликови кои ги глумела, Дравиќ со одговор дека никогаш за себе не размислувала во проценти, ниту пак, знае да мери на тој начин. “Едноставно, во секоја улога се давав целосно, а кога ќе ја завршам работата, тогаш бев Милена-ќерката, Милена – сопругата, сестрата, тетката, пријателката… Се ослободувам од улогата и од се останато што оди со тоа, кога ќе заврши филмот. Не би било добро ако е обратно, тогаш ќе требаат некои консултации, ситуации во која е потребна стручна помош за да се се врати на свое место“, со насмевка истакнала Дравиќ за која тешко е да каже кој и е најомилен филм.

“Едно што можам да кажам е дека, сите ние актери имаме по некоја улога или филм, кој е печат на нашата кариера. За мене тоа е “Прекубројна“. Иако подоцна имаше големи, и поважни улоги, награди, сепак, оваа улога, како се вели, ме исфрли во орбитата, и со неа, како што веќе кажав, всушност станав актерка“.

Инаку, монографијата на Милена Дравиќ има пет дела со текстови на релевантни автори за нејзиниот театарски, филмски и ТВ-опус, приказни од нејзиниот живот, текстови на автори од регионот… А низ тие сегменти се претопуваат три слоја: првиот е за нејзината работа на улогите, вториот го отсликува нејзиниот однос кон настаните, луѓето, феномените, додека третиот се сцените од животот. Севкупно, книгата е портрет на еден брилијантен уметник – актерката Милена Дравиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top