вторник, 16 октомври 2018 | Вести денес: 99 ново

„Или-или“ го издаде третиот роман на Ирена Јорданова „Послушен брод што плови“

Утре (петок, 20 јули) од печат излегува новиот, трет роман на Ирена Јорданова насловен „Послушен брод што плови“, во издание на „Или-Или“, информираат од оваа издавачка куќа.

По дебитантската книга „Помеѓу“, која во 2008-та влезе во финалето за наградата „Роман на годината“, и „Катализатор 33“ од 2010 година (преведен на англиски јазик, во 2012 година беше еден од најсимнуваните романи на Амазон), талентираната Јорданова, која дипломираше на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на катедрата по општа и компаративна книжевност, ни подарува нов роман, нова приказна која одлично се надоврзува на сето она што таа претходно го објави, и кое од критичарите и од публиката беше одлично оценето и прифатено.

Ирена Јорданова

„Во својот нов роман Јорданова врви по еден длабок, неистражен пат каде што на автентичен начин ја спојува уметноста и човечноста. Романот изобилува со една нова димензија на битисувањето. Од една страна ја следиме формата, човечкото движење, човечкото тело, човечката егзистенција, се’ она што всушност можеме сетилно да го искусиме во рамки на формата додека сме живи и постоиме. Од друга страна, пак, Јорданова не води со свесноста, со нешто што е поголемо од формата, од градивото на сетилното, што останува зад нас, па дури и по смртноста на формата“, вели Славица Гаџова Свидерска во рецензијата кон книгата.

Илустрацијата на корицата е дело на Бојан Кртолица, дизајнот го финализираше Марија Смилевска, а излегувањето на книгата финансиски е поддржано од Министерството за култура на РМ.

По повод излегувањето на книгата, во следните два дена (петок и сабота) во книжарницата „Или-Или“ книгата ќе се продава по промотивна цена, а промоцијата на „Послушен брод што плови“ ќе се случи кон крајот на летото.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top