вторник, 13 ноември 2018 | Вести денес: 2 ново

Ќе имате ли храброст да го поставите вистинското прашање: Референдумското прашање во превод гласи „Дали сте мајмуни“ (ВИДЕО)

Референдумското прашање во превод гласи: „Дали сте мајмуни“, ироночно коментира професорката Билјана Ванковска на веста дека премиерот Зоран Заев се оглушил на критиките на македонската јавност и решил референдумското прашање навистина да гласи онака како што пред две недели ексклуизивно ѝ соопшти на грчката јавност во интервјуто за ЕРТ.

Во интервју за грчката национална телевизија ЕРТ 1, на 5 јули годинава Заев откри како би гласело референдумското прашање, а вчера го потврди тоа.

-Народот, убеден сум, дека ќе биде „ЗА“ договорот со Грција заради тоа што прашањето веројатно ќе биде „Дали сте за Европската Унија и за НАТО и за поддршка на договорот со Грција?“. Веројатно во тој правец ќе биде заради тоа што едно со друго кај нас е поврзано и од таков аспект граѓаните кога ќе го дадат својот глас, политичарите, владата, парламентот, претседателот на државата сме должни да го почитуваме. Или можеби прашањето ќе биде „Дали сте за Европската унија и НАТО поддржувајќи го името Република Северна Македонија?“, заради тоа што тоа е договорот. Верувам дека граѓаните ќе бидат целосно позитивни, изјави Заев во интервју за грчката телевизија.

Македонците преку Грција го слушнаа референдумското прашање (видео)

Синоќа, по лидерската средба во Клубот на пратениците, премиерот го потврди она што веќе го знае грчката јавност, а македонската уште тогаш, пред две недели го осуди. Осуди пристигнуваат и денеска.

Жанета Трајкоска од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста инсистира на „чесно, јасно и неманипулативно прашање оти не решаваме за кило пиперки, туку за име на држава“.

„Ова сериозно?!?! До таму стигнавме? До вакво таканаречено “прашање” и консултативен референдум?
Може да се правиме наудрени, ама ако ова е точно, тогаш ништо повеќе нема да е во ред овде, на ова парче земја.
Еве, јас сум за ЕУ и НАТО, ама и за чесно, јасно и неманипулативно прашање оти не решаваме за кило пиперки, туку за име на држава. Се друго е стил на претходната власт.
Се надевам дека ќе имате храброст да го поставите вистинското референдумско прашање.
Ова подолу не е тоа…дури не е ни прашање.Оти Македонија е исто толку моја колку што е и ваша.“

Професорката Билјана Ванковска предупредува дека референдумското прашање не е прашање, туку се четири прашпања содржани во едно.

„Власт која потпиша договор спротивен на устав, која не консултираше ни опозиција ни експерти за ниту едно прашање, власт која фрла солзавец и шок бомби врз граѓани и која ги обвинува дека се руски платеници – таква власт може само да манипулира! Прашањето е 4 во едно, затоа НЕКОИ ПРАШАЊА ЗАСЛУЖУВААТ БОЈКОТ“, пишува Ванковска.

Дека се работи за манипулација и за прашање кое не е јасно и недвосмислено предупреди и професорот Љубомир Цуцуловски, веднаш откако прашањето беше објавено на грчакта телевизија.

„Зад навидум едното референдумско прашање, се кријат најмалку четири прашања, кои според логиката и здравиот разум (патем, логиката и задравиот разум секогаш одат заедно) мора да се издвојат и за секое од нив одделно да се изјаснува. Зошто тврдам дека се кријат најмалку четири прашања? Затоа што: (1) Некој може да биде за ЕУ, но да не биде за НАТО и Договорот. (2) Некој може да биде за НАТО, но да не биде за ЕУ и Договорот. (3) Некој може да биде и за ЕУ и за НАТО, но да не биде за Договорот. (4) Некој може да биде за Договорот, но да не биде за ЕУ и НАТО, што е малку веројатно, но што е во ова лудило можно. Значи, да се остане со прстот во устата. Затоа, следејќи го начинот на кој функционира Зоран Заев, предлагам референдумското прашање (ако дојде до него) да биде: „Дали сте за Европската унија и НАТО, и за поддршка Вашето семејство да биде растурено?“ Само така на граѓаните ќе им се „олесни“ изборот. Ќе треба да бираат помеѓу тоа дали се за ЕУ и НАТО, или се евентуално и за своето семејство. Ако го одберат второто (семејство), ќе „покажат“ невиден егоизам, идентичен со патриотизам, што никогаш не му „прилегало“ на Македонецот. Затоа, таквиот резултат од референдумот однапред треба да биде осуден и отфрлен од сите (без исклучок!), вклучувајќи ги и оние кои така гласале“, напиша Цуцуловски.

Во прашањето за Референдум кое законски треба да Е ЈАСНО, ПРЕЦИЗНО И НЕДВОСМИСЛЕНО всушност има 3 различни прашања и осум различни можни одговори + бојкотот како одговор, предупредува Владимир Котевски, под хаштагот #БОЈКОТИРАЈ.

„1.Си за во НАТО ама не си за ЕУ и договорот со Грција

2.Си за ЕУ ама не си за НАТО и договорот со Грција

3.Си за договорот со Грција ама не си за ЕУ и НАТО

4.Си за НАТО и договорот со Грција ама не си за ЕУ

5.Си за ЕУ и договорот со Грција ама не си за во НАТО

6.Си за ЕУ и НАТО ама не си за договорот со Грција

7. Не си ни за ЕУ ни за НАТО ни за договорот со Грција

8. Си за ЕУ, си за НАТО и за договорот со Грција

Или едноставно #БОЈКОТИРАЈ се што подразбира и е сомнително за смена на *име“

Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, ја коментира изјавата на премиерот Зоран Заев дека референдумсното прашање најверојатно ќе гласи  „Дали сте за европската унија и НАТО и за поддршка на Договорот со Грција“.

Милошоски: Ни 450.000 гласачи да му излезат без притисоци врз администрацијата, полицијата и школството

„Заев имал прашање со кое многу луѓе, со потценувањето на нивната интелегенција, ќе ги мотивира да го бојкотираат наместениот референдум:
Дали се согласувате Република Северна Македонија да си го измени својот Устав, согласно договорот потпишан со Грција, а како услов за сојуз во НАТО и ЕУ, со што се отвараат перспективите за загарантирана стабилност, силен економски развој, праведно судство, кариерни перспективи во приватниот сектор, високи плати за лекарите, силно образование, зелена нафта на земјоделците и чиста животна средина?
© ЗА / ПРОТИВ / БОЈКОТИРАМ!!!
– нема ни 450.000 гласачи да му излезат без притисоци врз администрацијата, полицијата и школството!“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top