вторник, 16 октомври 2018 | Вести денес: 99 ново

10,5 милиони евра од Буџетот преку Фондот за иновации се слеаја кај овие фирми

Пристигнатите апликации од 236 компании се разгледани за многу краток временски период и за 33 дена се донесени одлуки

Осумдесет домашни микро, мали и средни компании добија грантови во висина од 10,5 милиони евра преку мерките од третиот столб на владиниот план за економски раст. На повикот објавен од Фондот за иновации и технолошки развој се пријавиле 236 компании. Чековите со добиените средства ги врачија премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Ангушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски.

– Компаниите на кои денеска доделуваме грантови се компании кои сакаме да ги видиме извозно ориентирани, успешни во светот, компаниите кои ќе го поддржат економскиот развој- рече Ангушев во петокот на доделувањето во Филхармонија.

FITR_rezultati_stolb_3_prv_povik

Премиерот порача дека Владата подеднакво ги помага и домашните и странските компании и оти таа останува нивни партнер и сервис во реализација на нивните планови.

– Ова нека биде позитивен пример кој ќе ги мотивира и другите компании да создаваат квалитетни проекти и да влезат во инвестиции – порача премиерот и ги повика да имаат доверба во институциите чие функционирање ќе се подобрува и ќе се приближува кон европските стандарди по добивањето на поканата за НАТО.

Директорот на Фондот рече дека со  доделувањето на овие средства е важно дека зад секој 1,4 денар инвестиција од државата, приватната компанија инвестира денар. Истакна дека е важно што компаниите инвестираат.

Тој потенцира дека пристигнатите апликации се разгледани за многу краток временски период и дека за 33 дена се донесени одлуки.

– Во тие 33 денови навистина видовме добри проекти. Имаме ИТ компании, но и од други сектори. Шеесет проценти се од Скопје и 40 проценти компании од другите градови како Струмица, Неготино, Прилеп…- рече Деспотовски.

Тој очекува втор инвестициски бран да го реализираат многу брзо и најави нов повик на есен. Ги повика дел од компаниите што аплицираа, а не добиле средства да се јават на новиот повик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top