сабота, 18 август 2018 | Вести денес: 69 ново

Мицкоски: Македонија се сака со дела, ајде да се мериме по работа, а не по омраза продуцирана од власта!

Имаме одземена држава. Дојдоа на власт со сурова злоупотреба на судбини. А денес нема недела да не ни се случи по некоја смрт на дете, некое претепано бебе, злоупотребен малолетник, прерано изгубен човечки живот.

Ова го порача Христијан Мицкоски вчера на протестниот марш на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци.

-Некоја мајка која се завива во црно и некој плач од кој се превртува душата и силно боли, а боли зошто се чувствувате беспомоши и во исто време обесправени, затоа што секој од вас знае дека туѓата болка може да биде и ваша. Нив не им е гајле, со хелихоптерот ќе си одат на вечера. Власта ја загуби совеста. Министерот за внатрешни ќе го видите во јавност како се приклучува на онаа партиски оркестрираната еуфорија за НАТО, демек славел, ама нема да го видите на прес-конференција да објасни за причините и мотивите за прерано изгубениот живот на Никола Саздовски, дека ги фатил злосторниците и дека истите се во занданите и ќе одговараат за злоделото кое го направија. Нема тоа да го слушнете, но затоа ќе ги видите во скапите лимузини и ќе ги видите во рестораните како прославуваат. Најмалку што треба да направи, ако има и најмала совест во него е да излезе и да поднесе неотповиклива оставка веднаш. Сведоци сме на други немили настани во градот Скопје кои проаѓаат онака како ништо да не се случило, како статистичка грешка. Деца се прободени со ножеви, а сторителите на тие злодела кои што се фатени, добиваат казна засилен надзор од социјален работник. Па тие луѓе ќе ги изгубат животите, што треба повеќе да се случи за да веруваме дека не ве бива? Дека не знаете што правите. Не можете тоа да го покриете со нарачани текстови и против мене и против ВМРО-ДПМНЕ, порача Мицкоски.

Во моментов се случува една комплетна демонтажа на еден систем на вредности, кој е вкоренет со децении, кој е граден со години и генерации наназад. И овој систем сакаат да го заменат со безпринципиелност, поделба и омраза. Луѓето да си станат непријатели едни со други, да се делат во политиката на десни и леви, во бизнисот, да се поларизираат мислењата во културата, во образованието, да се ловат виновници и предавници. На оние кои ја сакале Европската Унија и НАТО и оние кои биле против. Токму оваа инструирана кампања на владата сака да постигне една рамнодушност која е резултат на чувството на одлепеност од народот и опиеноста од власт, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

-И така помеѓу две до три потапшувања по рамото и неколку пенкала ќе завршат во џебот на Заев и некој скапо платен викенд на Халкидики, ќе им текне идеја дека треба да срушат се што претходно е изградено, наместо да продолжат онаму каде некој пред нив застанал и макотрпно работел да тоа го реализира. Ќе им порачам: ВМРО не можете да го уништите на овој начин, бидејќи тоа е секој еден Македонец, и пред да почнете нешто да преименувате или рушите обидете се нешто да изградите, затоа што камен на камен немате ставено. Нас не води идејата на тие дејци, а нивната идеја повторно за брзо време ќе биде славена после вашиот дебакл на следните предвремени парламентарни избори, сличен на оној дебакл кој ви се случи вчера, рече Мицкоски и додаде:

„Македонија се сака со дела, и ајде да се мериме по работа, а не по омразата продуцирана од власта. Нашата визија за Македонија е земја на интегрирано општество, со силна пазарна економија. Потребен е рапиден развој сега и веднаш, не утре, не задутре или по некоја година. Македонија нема време за чекање, ни треба економија која ќе создава додадени вредности и која ќе вработува и овозможува иднина, за нашите сограѓани, да направиме услови да се вратат сите кои ги напуштија нивните домови во нашата татковина, да се вратат веднаш и да бидат свои на своето- тоа е нашата визија“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека бараат само фер услови на следните предвремени парламентарни избори.

-Кога од власта ќе речат се договарате за ДИК за да сме осигурале некаква амнестија, треба да се знае дека на таквите лаги им нема крај. Не бе луѓе, не бараме ништо, бараме само фер услови да можеме да ве декласираме на следните предвремени парламентарни избори. Тоа бараме. Тоа ли е толку многу и страшно? Толку ли не сакате да се пуштите од власта? Јас ве разбирам таа власт ви е неопходна да ги обелите вашите криминални досиеја, да можете да заработите уште неколку десетици милиони евра, но на тоа ќе му дојде крајот, за тоа ќе одговарате, подвлече тој и додаде:

„Кога ме повикувате- ајде да ја славиме иднината европска на Македонија, ќе ви одговорам- ќе ја славиме таа иднина, но најпрво ќе завршиме со криминалот и ревизија на аболицијата за Голбал, со ревизија на ослободителната пресуда за Поткуп, со независен судија и обвинител кој ќе досуди казна која што ја заслужува Заев. Ќе завршиме со минатото па потоа ќе градиме европска иднина“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top