понеделник, 22 октомври 2018 | Вести денес: 1 ново

Сe огласи Лозано откако одби да настапи на прославата: Увидов дека во такви моменти не треба да пеам

Пејачот Влатко Лозаноски- Лозано вчера не се појави на прославата за НАТО во Охрид. Тој требаше да настапи на, како што ја нарекоа од Владата, „Големата граѓанска прослава: Македонија во НАТО и ЕУ“, но Лозано го откажал настанот и не дошол да пее.

Денеска тој се огласи на Фејсбук:

– Должност ми е да ви се обратам вам, на мојата публика, и да се изјаснам за она што се случуваше во врска со настанот. Да, бев дел од листата на изведувачи, но одлучив да не присуствувам и не настапив во Охрид. Ова беше моја голема одлука, околностите не беа лесни и засегнати беа многу страни, но она што секогаш во прв план го ставам е публиката. До ова скалило до кое што сум дојден на музичката сцена е само поради вас и секогаш ќе биде само поради вас. Јас сум пејач, музичар и уметник и само поради такви причини сум прифаќал настапи пред публиката.

– Овојпат ситуацијата ескалираше и увидов дека во такви моменти не треба да пеам. Верувам дека ќе има многу убави музички настани во иднина каде ќе ја славиме музиката. Пред вас сум за да ве спојам меѓусебно преку музиката, а не да ве поделам. Никогаш не сум бил политички определен, музиката е таа што ме насочувала и ќе ме насочува во животот. Искажувам голема почит кон сите мои колеги и организаторите на настанот, но мене публиката секогаш ќе ми биде на прво место. Сите овие години ви дадов толку многу љубов вам, на моите фанови, и двојна љубов ми беше возвратена од вас, што никаква пречка нема да дозволам да се појави за тој круг да се прекине. Свесно и одговорно стојам зад оваа одлука без разлика какви ќе бидат последиците. Ви благодарам за големата поддршка цело ова време!, напиша Лозано.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top