петок, 20 јули 2018 | Вести денес: 74 ново

Колку пари чува Народната банка?

Народната Банка (НБРМ) чува 2 милијарди 610 милиони и 700 илјади евра. Девизните резерви пораснале за 162.2 милиони евра за една година.

Според последните податоци заклучно со 31.05.2018 НБРМ располагала со 2 милијарди и 136.7 милиони евра во хартии од вредност, 248.2 милиони во монетарно злато, 221.8 милиони како валути и депозити. Заедно со останатите помали позиции вкупната вредност на депозитите е речиси нешто над 2.6 милијарди евра.

Речиси во текот на целата измината година девизните резерви имаа тенденција на намалување, паѓаа во сите месеци освен во февруари, август, октомври и декември.

Трендот целосно се промени во јануари оваа година, кога беше издадена Евро обврзницата „тешка” 500 милиони евра по што дојде до стабилизирање на парите кои ги чува НБРМ.

Девизните резерви освен во евра и американски долари се чуваат и во австралиски и канадски долари, како и во норвешки и шведски круни. Оваа практика стана поизразена пред неколку години откако се засили кризата во Евро зоната.

Според податоците на светските централни банки за првиот квартал од 2017-та година, повеќе од половина од девизните резерви во светот беа во американски долари (63.5%). Втора, но со многу помал процент е еврото – 20%. Веднаш потоа, јапонскиот јен и британската фунта (4.5%), канадскиот долар (2%), австралискиот долар (1.8%) и кинескиот јуан (1.1%).

Инаку девизните резерви ја гарантираат вредноста на денарот. И стојат на располагање на Народната Банка за регулирање на нерамнотежите во платниот биланс и на девизниот пазар.

Гледано по години, во 2017-та девизните резерви се намалија за 277 милиони евра, во 2016-та пораснаа за 351 милион евра (издадена Евро обврзница), во 2015-та се намалија за 231 милион (отплата на доспеани кредити), во 2014-та се зголемија за рекордни 484 милиони евра (издадена Евро обврзница).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top