четврток, 19 јули 2018 | Вести денес: 123 ново

Левица: Македонија доби ултиматум в година да затропа на вратата на НАТО како северномакедонска диполоматија

Уште една изгубена година за Република Македонија. На НАТО-самитот македонската дипломатија, наместо јасна и недвосмислена покана – доби само аплауз и ултиматум в година да затропа пак на вратата на НАТО како северномакедонска диполоматија. Ваков е ставот на политичката партија Левица, која испрати соопштение по повод НАТО-самитот што се одржува во Брисел.

„Наместо Владата да почне да се справува со наталожените внатрешни проблеми и да почне да го извлекува народот од живиот песок на социјалната мизерија, македонската дипломатија на двоецот СДСМ-ДУИ социјално го дозакопа народот и во ситуација на опасно нарушени меѓуетнички односи дополнително ќе го малтретира гол и бос масовно да излезе на најавениот референдум за себепреименување. Такво е и барањето на генералниот секретат на НАТО, Јенс Столтенберг, кој порача: „Ако (преспанскиот) договорот биде финализиран и инплементиран во целост, тогаш ќе бидеме во можност да го поканиме Скопје да почне со пристапните преговори да стане 30. членка на НАТО со новото име: Република Северна Македонија“, се вели во соопштението на Левицата.

Партијата, која е против интеграциите на Македонија во НАТО, додава дека се брише славната историја на антифашистичката борба, а за сметка на тоа ни се наметнува нов идентитет – граѓани на Северна Македонија, кои почнуваат да пишуваат нова евро-атлантска историја и чии највисоки идеали се 500 евра просечна плата во недогледна иднина или перманентно иселување во странство.

„Неконзистентноста на НАТО во однос на меѓународното право и себедекларираните принципи најјасно се гледа преку односот кон Република Македонија, каде што НАТО бара од нас, спротивно на меѓународното јавно право, да го промениме своето уставно име за да станеме земја-членка. Левицата ги застапува левичарските принципи од политичкиот спектар и оттаму повикува на прекин на преговорите за интеграција во НАТО. Левицата ја иницира и ќе ја предводи кампањата за бојкот на референдумот, чија цел е преименување на државата како чин на конечно рушење на преостанатите асномски столбови и нејзиниот асномски карактер“, порача Левицата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top