четврток, 19 јули 2018 | Вести денес: 123 ново

Васили Лаерти од Албанија ја доби наградата „Актерот на Европа“

Синоќа, (на 11 јули), во ресенскиот  Сарај, со доделувањето на наградите заврши 16-то издание на Интернационалниот театарски фестивал Актерот на Европа.  Оваа година престижната награда „Актерот на Европа 2018“ се додели на актерот Васили Лаерти од Албанија за светската премиера на проектот „Пеколот на Агамнемнон“ работен по мотиви од Исмаил Кадаре. Овој драмски триптих е авторски проект на Васили Лаерти што тој сугестивно го изведе на три јазици: албански, грчки и англиски, а го започна на македонски јазик, овде на бреговите на Преспанското езеро, чии води ги мешаат трите езерски култури што е и суштината на фестивалот „Актерот на Европа“.

Жирито на фестивалот во состав: проф. Мето Јовановски – претседател, проф. Лилјана Котевска – Плевнеш и проф. Гоце Ристовски – членови, воедно ги додели и следните награди:

Наградата „Наум Манивилов Преспански“ му се додели на актерот Дарјан Петров за улогата на „Дони Дарк“ во истоимената претстава во продукција на Театар Комедија од Скопје

Младата актерка Димитрина Мицкоска ја понесе наградата „Млада Европа“ за адаптацијата, режијата и изведбата на претставата „Женска утопија“, работена по мотиви од драмите на Јордан Плевнеш.

Српската авторка Тијана Грумиќ ја доби наградата за современ драмски текст за текстот „Кеплер 452Б“, во изведба на Театарот „Бора Станковиќ“ од Врање, во режија на Југ Ѓорѓевиќ.

Наградата „Жак Лакариер“ за инвентивна сценска реализација се доделуи на Мирел Кнез од Р. Словенија, за адаптацијата и изведбата на монодрамата „Жените на Ибзен“ во режија на Ник Апер и на театарскиот проект „Четири еполети“ од Хачиф Мулиќи, во режија на Арта Мулиќи од Р. Косово.

Гранд при, за најдобра изведба на фестивалот „Актерот на Европа 2018“ се додели на проектот од Р. Бугарија ОЧАЈ.АН.И.Е од Теодора Георгиева, работен според мотиви на драмата „Слугинки“ од Жан Жене, во на режија на Магдалена Славчева со актерките Никол Султанова и Беатрис Благоева.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top