вторник, 20 ноември 2018 | Вести денес: 0 ново

На Вранишковски пасошот му бил одземен поради судска забрана да излезе од Македонија

Православната Охридска Архиепископија (ПОА) завчера обвини дека во понеделникот на граничниот премин „Меџитлија“ кај Битола, полицијата без никакво образложение му го одземала пасошот на нејзиниот поглавар Јован Вранишковски. Но, од Министерството за внатрешни работи (МВР) за „Мета“ објаснија дека пасошот е одземен поради судска забрана Вранишковски да ја напушта Македонија.

-На 09 Јули, оваа година, на граничниот премин Меџитлија кај Битола, без никакво образложение, од страна на Министерството за внатрешни работи одземена му е патната исправа на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован. Таква дискриминација со одземање на патни исправи без никакво образложение, својствено е за правно неуредени држави, држави во кои нема никакво владеење на правото, обвини ПОА со соопштение завчера.

МВР овој настан не го објави во својот билтен, а за „Мета“ објасниле дека имало сериозна причина за тој чекор, односно Вранишковски има судска забрана да ја напушти Македонија.

-Во врска со Вашето барање, Ве информираме дека на 09.07.2018 година во 18,30 часот на Граничен премин „Меџитлија“ за излез од РМ на лицето Ј.В.(52) од Битола му била привремено одземена патната исправа бидејќи е констатирано дека во електронските евиденции фигурира со мерка „судска забрана“ при што на истиот не му е дозволен излез од РМ“, велат од МВР за „Мета“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top