вторник, 17 јули 2018 | Вести денес: 119 ново

ЕУ ги прашува граѓаните дали треба да се укине летното сметање на времето

Граѓаните на земјите членки на ЕУ имаат рок до 16 август да гласаат за тоа дали се за задржување на летното сметање на времето или пак сакаат да се укине таа, за многумина, неефективна практика.

Изјаснувањето се врши по пат на онлајн прашалник во кој испитаниците може да дадат свое мислење за тоа дали летното сметање на времето треба да се укине или да се задржи.

Европската комисија започна консултации кои ќе траат до 16 август. Консултациите беа иницирани по барање на Европскиот парламент, како и на граѓаните и неколку земји-членки во февруари.

Во март, 73 отсто од германските испитаници се изјасниле дека повеќе би сакале да се откажат од летното сметање на времето, во истражување на германската осигурителна компанија ДАК. Но, малкумина очекуваат дека тоа би се случило во следните пет години.

Летното сметање на времето првично било воведено во неколку европски земји за да се заштеди енергија за време на Првата светска војна.

Европската регулатива бара часовниците во ЕУ да се придвижат нанапред за еден час во последната недела од март и да се вратат за еден час во последната недела од октомври.

извор: Makfax

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top