четврток, 19 јули 2018 | Вести денес: 123 ново

Патувачкото кино „МакеДокс“, годинава во струшко: Нашата тајфа носи поетика која често е посурова од таа на Миладиновци

Со проекција на документарни филмови во близина на манастирскиот комплекс „Мала Богородица“ во Калишта денеска почнува деветтото Патувачко кино на „МакеДокс“, кое годинава ќе се одржува до 25 јули во струшкиот регион.

Покрај Калишта, на мапата на Патувачкото кино се и селата Радолишта, Октиси, Мислодежда, Ташмаруништа, Радожда, Мали Влај, а последниот ден во Струга ќе се одржи Еко-докумаратон.

– Со патувачкото магаренце сме пропатувале многу, ни се отвориле многу врати, а веруваме дека и ние сме подотвориле доста. На нашето платно се прикажуваат приказни кои покриваат простор со размер сличен на растојанието од Беринговото море до Глобочица кај Дебар. Нашата тајфа носи поетика која често е посурова од таа на Миладиновци, а наместо ловоров венец имаме венци од кромид, подвижни слики и впечатоци, нагласува екипата на Патувачкото кино, која својата база ја смести во селото Радожда.

Во рамките на Патувачкото кино ќе се одржи и првата сесија од втората сезона на работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци 2018“. Сесијата ќе се реализира од 21 до 28 јули во партнерство со „ДримОН Фестивал“ и со поддршка од НЕД (National Endowment for Democracy). Патувачкото кино на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Инспирирани од убавините на регионот низ кој ќе минува Патувачкото кино екипата на „МакеДокс“, помогната од новата генерација „докуникулци“, ќе реализира и еко-акција за чистење на крајбрежниот појас во некогашниот камп „Треска“ во близина на селото Радожда.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top