четврток, 20 септември 2018 | Вести денес: 105 ново

Трамп е против мајчиното млеко

На собир на делегации од стотина земји членки на СЗО во Женева, се очекувало резолуцијата за охрабрување на доењето со природно млеко да мине без проблеми. Таа се темели на повеќедецениски истражувања кои велат дека мајчиното млеко е најздравата опција за децата а државите треба да се обидат да ги ограничуваат неточните и заведувачки маркетинг пораки на производителите на разните замени за таквото млеко. Меѓу другите факти, една студија вели дека мајчиното млеко годишно би можело да би спасува 800.000 животи на новороденчиња.

Меѓутоа, наишле на неочекуван отпор на американската делегација која годинава била поинаку инструирана од претходните, кога во времето на Обама ги поддржуваше ваквите иницијативи.

Американците прво се обиделе да го разводнат текстот со бришење на одредбите кои конкретно повикуваат на „заштита, промоција и поддршка на доењето“ или оние кои бараат од националните политики да имаат строг мониторинг врз замените што се нудат на пазарот.

Откако не успеале во таа намера, претставниците на САД преминале кон директни закани и уцени на други делегации. За Еквадор се знае дека им се заканиле со казнени трговски мерки и стопирање на важната воена помош по што овие свиткале кичма. Истото им се случувало уште на дузина земји, главно сиромашни држави од Африка и Латинска Америка кои за изворот на оваа вест сакале да останат анонимни стравувајќи од одмазда на Американците.

„Бевме запрепастени, огорчени и тажни“, вели еден Британец кој на меѓународни средби на оваа тема присуствува уште од 80-тите години. „Сведочевме на вистинска уцена а САД го држеа целиот свет како свој заложник на намерата да го прекинат 40 годишниот консензус околу најдобриот начин на заштита на бебешкото здравје“.

Донесувањето на резолуцијата била доведена до ќорсокак до моментот кога руската делегација не решила цврсто да застане зад неа како спонзор на иницијативата, пренесува Њујорк Тајмс. Американците нив не им се заканиле.

„Не сакаме да испаѓаме херои. Само мислиме дека е погрешно кога некоја земја сака да им се сили на малите, особено за прашања кои се важни за целиот свет“, изјавил руски претставник во СЗО.

Ова не е прв случај администрацијата на Трамп да решава да застане зад корпоративните интереси на штета на јавното добро. Индустријата на производители на сурогати за мајчино млеко вреди 70 милијарди долари годишно, ја држат шака американски и европски фирми а продажбата во развиените земји во последно време им стагнира поради зголемената свесност за користа од мајчиното млеко.

Извор: Офф.нет

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top