понеделник, 23 јули 2018 | Вести денес: 94 ново

Маскирани специјалци апсат и претресуваат куќи: Упад на косовската полиција во српските села во Косово

Косовската полиција спроведе рација утрово во две српски села во Косово во близина на Гњилане и уапси петмина Срби. Меѓу уапсените е Радован Стојковиќ, начелник на Косовско- Моравскиот округ и Јован Дениќ, директор на филијалата на Националната служба за вработување, а кој до неодамна беше припадник на Косовските безбедносни сили (КБС).

Освен нивните домови полицијата извршила рација и одредени институција, односно просториите на Културно образовниот центар „Божидар Митровиќ Шандор“, каде што се наоѓаат канцелариите на службата за вработување и на начелникот на округот во местото Шилово.

Според “Блиц”, запленети се компјутерите од канцелариите , а испрашувањето на приведените е во тек.

Уапсен е и Ненад Стојановиќ, автомеханичар, вработен во војската на Србија во Врање. Според РТВ Плус, Стојановиќ бил уапсен бидејќи наводно вршил притисок врз српските членови на КБС да ја напуштат службата.

Ова е одмазда бидејќи сите Срби членови на КСБ од Гњилане ја напуштија оваа служба во изминативе десет дена, вели за “Блиц” извор од Косово.

Од Косовската полиција соопштија дека во близина на Гњилане се уапсени пет лица осомничени за учество во активности против уставниот поредок и безбедноста. Косовската полиција ги негираше извештаите во медиумите дека е спроведена операција против некои поранешни припадници на КБС.

Полициската операција продолжува во соработка и координација со судските власти, се вели во кратка изјава.

Поради ова директорот на канцеларијата на КиМ, Марко Ѓуриќ, денеска ќе одржи прес-конференција.

Инаку, од КБС минатата недела замина речиси триесет припадници од српска националност, главно од областа Гњилане. Каква ќе биде нивната судбина ќе биде познато за шест месеци до кога КБС треба да одлучи за нивните барања за демобилизација.

Дотогаш Србија ги повикува луѓето да не се приклучуваат кон КБС, бидејќи Албанците всушност сакаат да ја трансформираат во војска на Косово, додека косовските политичари веќе некое време зборуваат за притисок кој им го врши Србија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top