понеделник, 23 јули 2018 | Вести денес: 94 ново

„Кружно патување на монахот” на Жарко Иванов освои награда за Најдобар анимиран филм на Balkan Film Food Festival во Поградец

По успехот на “Кружно патување на Марето” кој беше прикажан на повеќе од 70 фестивали и освои 8 награди, новиот анимиран филм од поредицата “Кружно патување”, “Кружно патување на монахот” во режија на Жарко Иванов, викендов ја освои наградата за Најдобар анимиран филм на Balkan Film Food Festival во Поградец.

По светската премиера на филмот во Билбао на фестивалот за анимиран филм Animakom, во август ќе биде прикажан на еден од најважните светски фестивали за анимиран филм THE 17th HIROSHIMA INTERNATIONAL ANIMATION FESTIVAL, во програмата “Animation from the world”. Фестивалот Хирошима е формиран во 1985 година, се одржува секоја втора година и се смета за најпрестижниот фестивал за анимиран филм во светот. 

Приказната за монахот фрескописец од Заум, домашната премиера ќе ја има во Охрид на новиот Beach Film Festival (19-22 Јули), а во исто време ќе биде дел од Официјалната конкуренција на најголемиот руски фестивал за анимиран филм, Insomnia Animation Film Festival, со повеќе од 6.000 илјади посетители. Во текот на летото ќе биде прикажан на фестивали во Италија, Романија, Словенија и Косово.

Филмот е работен во традиционална техника на анимирање, цртеж со молив на хартија и за него беа направени повеќе од 15.000 цртежи. Сценариото го напишаа Жарко Иванов и Александар Прокопиев, директор на анимација е Крсте Господиновски, главни аниматори Викторија Динева, Гоце Господиновски и Крсте Господиновски, а музиката на Оливер Јосифовски и Љубојна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top