вторник, 25 септември 2018 | Вести денес: 0 ново

Седум начини како да се грижите за вашите бубрези

Болестите на бубрезите се многу подмолни, во почетокот се јавуваат „тивко“ без никакви симптоми, ги уништуваат бубрезите, за подоцна кога болеста ќе напредне да се покажат во вистинско светло и трајно да ја оштетат функцијата на бубрезите. Затоа чувајте ги бубрезите и внимавајте на следниве работи:

МЕРЕТЕ ГО КРВНИОТ ПРИТИСОК
Високиот крвен притисок е најголем „непријател“ на бубрезите. Редовно проверувајте го, и кога немате проблеми. Може да имате висок притисок а да не чувствувате никакви симптоми. Доколку имате висок притисок, редовно земајте ја препишаната терапија, дури и кога притисокот ви е во нормални граници.

ДИЈАБЕТЕС
Редовно одржувајте го нивотот на шеќер во крвта. Ако не е под контрола може со текот на времето да предизвика проблеми со бубрезите. Зголемениот крвен притисок и дијабетесот се најчеста причина за оштетување на бубрезите.

ПРОМЕНЕТЕ ЈА НАВИКАТА ЗА СОЛ
Многу е важно да внимавате на дневните количини на сол, кои треба да ги ограничите на 5-6 грама или 1 мала лажичка сол. Редовно проверувајте ги етикетите на храната, бидејќи може да содржи многу повеќе сол отколку што мислите.

ПИЈТЕ ВОДА
За бубрезите е важно да пиете вода и да бидете хидрирани. Постои еден начин да проверите дали пиете доволно вода преку урината. Ако вашата урина е бледо жолта, тогаш е во ред. Доколку е темно жолта, треба да пиете повеќе вода.

АЛКОХОЛ
За да не ги оштетите вашите бубрези, бидете умерени со алкохолот. Дневно се препорачува една чаша алкохол за жени, до две чаши за мажи.

ПРЕСТАНЕТЕ ДА ПУШИТЕ
Цигарите се штетни за вашиот кардиоваскуларен систем, но и за бубрезите. Откажете се навреме пред да биде доцна.

ПРЕВЕНТИВНИ ПРЕГЛЕДИ
Функцијата на бубрезите се проверува многу едноставно, преку лабораториска анализа на крвта и урината. Редовното мерење на крвниот притисок и шеќерот во крвта, најдобро ќе ја отслика работата на вашите бубрези.

zivejzdravo.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top