вторник, 25 септември 2018 | Вести денес: 0 ново

Бајрамовска: Неопходни се законски измени за остварување на здравствените права

Неопходни се измени на законите за здравствена заштита и за здравствено осигурување за кои во тек е подготовка, поради утврдени неуредености кои значат попречување на граѓаните во остварување на нивните права. Ова денеска го истакна заменик – народниот правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа, која рече дека во врска со тоа минатата недела доставиле допис до министерот за здравство Венко Филипче.

– Доставивме иницијатива со предлог за преземање мерки за измена на Законот за здравствено осигурување, аналогно на тоа и на Правилникот за користење на ортопедски помагала кој содржи одредба која е на штета на граѓаните и ги условува со шестмесечно непрекинато здравствено осигурување за остварување на права на ортопедско помагало, посочи Бајрамовска – Мустафа.

Таа рече дека многу често се случува граѓаните, особено децата да бидат оштетени со оваа законска одредба предвидена и во Законот и во Правилникот. Појасни дека децата чии родители немаат непрекинато здравствено осигурување од шест месеци се оневозможени во остварување на права кои ги гарантира Законот за здравствено осигурување.

– Случајот кој ни беше поттик да уште еднаш реагираме до надлежните органи – до Фондот за здравствено осигурување и до Министерството за здравство е токму обесправеноста на дете со посебни потреби да добие право на користење на слушно помагало, односно батерии за слушното помагало. Неговата мајка по прекинување на работниот однос се пријавила во Агенцијата за вработување, меѓутоа има прекин во осигурувањето. Не помогнало ни тоа што таткото во меѓувреме заснова работен однос и е здравствено осигурен, така што се бара согласно решението на Фондот, повикувајќи се на Законот за здравствено осигурување и на Правилникот, осигуреното лице да има континуирано шестмесечно здравствено осигурување, рече Бајрамовска – Мустафа.

Потенцира дека оваа одредба мора да претрпи измени и затоа имајќи предвид дека се во постапка измените на Законот за здравствено осигурување преку иницијатива, односно информација до министерот бараат тој да се заложи ова законско решение повеќе да не претставува пречка за лицата кои имаат право да пристапат до користење на ортопедски помагала.

Истакна дека во врска со случајот со смртта на трите деца при пожар во Велес водат постапка по сопствена иницијатива.

– Министерката за труд и социјална политика најави испитување на постапувањето на центрите за социјална работа и доставивме препорака до неа во која покрај сеопфатно истражување на постапувањето на центрите, во случајот надлежниот Центар за социјална работа во Велес, укажуваме сериозно да се испита дали во овој случај семејството кое било евидентирано како семејство во социјален ризик навистина и целосно ги добило сите можни законски предвидени помош и мерки кои еден центар може да му ги даде на социјално загрозено семејство, рече Бајрамовска.

Од друга страна, нагласи, имајќи предвид дека станува збор за случаи кои многу често во пракса се потврдуваат било со трагичен исход, било со исход кои носат под знак прашање егзистенција на семејство, односно го доведуваат под прашање неговото човеково достоинство, во оваа препорака до министерката бараме дека мултисекторски и мултиресорски да биде анализиран целосниот систем на социјална заштита во Република Македонија за да утврди дали вака поставениот систем соодветствува на потребите на секое лице кое што е социјално загрозено.

– Тоа значи да се има целосен преглед, точен преглед за тоа кое лице, за какви семејства станува збор, за какви потреби на семејства станува збор и дали државата, односно органите надлежни за овие прашања можат да излезат во пресрет на нивните потреби. Укажавме да се има предвид одредбата од Законот за социјалната заштита која покрај обезбедување мерки и активности за надминување на социјалниот ризик на кој е изложен моментално граѓанинот предвидува и мерки за зајакнување на капацитетите, односно поддршка на лицата во социјален ризик да бидат како семејства самозаштитени, односно да можат самите да придонесат за нивната егзистенција, рече Бајрамовска – Мустафа.

Според неа, се потврдува дека за жал системот за социјална заштита во токму во овој дел не го исполнува условот, односно не го исполнува критериумот за да може ефикасно секој граѓанин да ја добие социјалната заштита и социјалната сигурност, така како што тоа е гарантирано со Уставот и со Законот за социјална заштита.

– Во 2016 година констатиравме повреда на право на лице кое во текот на работен процес добил мозочен удар и отворил боледување. Ова лице по кое постапивме не може да го оствари правото на надомест поради тоа што нема шест месеци здравствено осигурување во континуитет. Ваквите ограничувања се на штета на граѓаните. Затоа покренавме иницијатива за измена на постојниот закон, додаде Бајрамовска – Мустафа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top