петок, 16 ноември 2018 | Вести денес: 91 ново

Евтина историја – скапи Хитлер, Мусолини и Ванчо Михајлов

 Предраг Димитровски

„Како што велат некои овдешни набљудувачи: „Литовски во комисијата е исто како да поставиш педофил за директор на детска градинка“. Вака бугарскиот портал „е-вестник.бг“, преку својот соработник од Скопје го оцени присуството на д-р Александар Литовски во македонскиот дел од заедничката македонско-бугарска комисија за решавање на спорните точки во образованието и историјата, што деновиве скришум ја одржа својата прва седница. Истиот Литовски, како единствен историчар, беше и претседател на работната група формирана за преиспитување на општествената и стручна оправданост на постоењето на НУ Музеј на македонската борба за државност и самостојност – Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим. Е, сега, не знам дали може да се искористи истата формулација и за неговото присуство во работната група. Зашто, со тоа што произлезе како финален резултатво форма на извештај, членовите можат слободно да се избришат одзади. И да не притискаат на листовите многу. Со силата и моќта, што ја манифестираа, може да им се скине хартијата, па…

Преиспитувањето на општествената и стручна оправданост на постоењето на Музејот сама по себе е глупост. Тоа му доаѓа исто како да се проверува оправданоста на постоењето на Јадвашам. Би било добро за ваквата глупост да видиме колкави биле хонорарите на членовите на работната група. Та, нели, Владата вети транспарентност во секој сегмент од работењето.

Она што е најважно, работата на работната група ќе имаше некакви ефекти ако завршеше пред потпишувањето на договорите со Бугарија и Грција, со кои целосно се распродаде македонската историја. А, кога е таа евтино распродадена, тогаш за каква историја воопшто говориме!? И сега, нашиве експерти излегуваат со став Музејот да се избрише од листата на заштитеното културно наследство, потоа тој да се преименува поради „искривената историска вистина при формирањето на македонската држава“, што била пласирана низ поставката, како и заради градењето асоцијации со активна политичка партија. И уште, оценка дека Музејот инсистира на восочни фигури во поставката, што го вулгаризира и навредува професионализмот во музеологијата. Ааајде мајкатааа, што би рекол премиерот. Искрено, од луѓе, кои штом слушнат ВМРО добиваат големи сипаници, штом им се споменат жртви на комунизмот очекуваат ордени од највисок ранг, а штом се иговори ДПМНЕ се фрустрираат и полнат со гнев и омраза доволно за до пладне да се мразат самите себе, а попладне и целиот свет, не може ништо друго и да се очекува. Патем, кој спомена име Република Илинденска Македонија?

Да бидеме на чисто. Преименувањето не е за ништо друго, освен во називот да не постои тоа – македонска, а со тоа и македонската историја. Ако навистина беше до некаква искривена историска вистина, прво директно ќе посочеа во што е грешката, второ ќе разговараа со професорите, кои учествуваа во подготовката на поставката и конечно, ќе најдеа милион начини за таа да се поправи. Асоцирањето со активна политичка партија е гола вода. Зашто, колку историското ВМРО асоцира на денешното ВМРО-ДПМНЕ, исто толку формирањето на државата Република Македонија асоцира со КПМ и сегашниот СДСМ како нејзин директен наследник. Тоа што и едните и другите (не)отстапуваат во актуелните политики е сосема друга работа. И конечно, восочните фигури. Види богати, восочните фигури во Мадам Тисо го вулгаризираат и навредуваат професионализмот во музеологијата! Од кога тоа!?

Во контекстна извештајот на работната група може да се гледа и на партиското соопштение на СДСМ. Меѓу другото, партијата на власт прашува „зошто ВМРО-ДПМНЕ не сака вистинска, реална слика за историските вистини?
Што има против ВМРО-ДПМНЕ во Музејот да бидат прикажани оригинали – документи за македонската историја, карти, фотографии, публикации и др., наместо восочни фигури изработени во Украина – кои не се дел од нашето историско и културно наследство?Зошто ВМРО-ДПМНЕ се против експертските укажувања во Музејот да бидат прикажани и настани и документи и од перодот на прогласување на независноста на 8. Септември 1991, па се до денес?Наместо скапо платените восочни фигури на Хитлер, Мусолини и Ванчо Михајлов, кои се симбол на криминалите на ВМРО-ДПМНЕ, вистинската македонска историја треба да си го најде соодветното место.Не затоа што така сака некоја партија, тоа време заврши, туку затоа што така е правилно, врз основа на соодветна научна и стручна проценка на оние коишто се најповикани, експертите„.

Наместо дневно-политички пресметки и поставување илузорни прашања, зошто работната група не го сторила тоа досега? Се сомневам дека некој има против нови, оригинални документи или прикажување настани од прогласувањето на независноста, па до денес. Само кои личности ќе ги стават? Оние кои ги избербатија на секој можен начин? Или оние кои се плашеа или, подобро речено, отворено беа против самостојна македонска држава? Не оди, не пукни! А, што е проблем во восочните фигури? Тоа што се правени во Украина или како таквиприлегаат само на други средини, ама не и на Република Македонија? Глупости! Индикативно е зошто се земаат како пример фигурите токму на Хитлер, Мусолини и Ванчо Михајлов, а не оние на Черчил, Луј Барту, Александар Караѓорѓевиќ… За да уплашат или прилепат некому наци-фашизам? Тоа е веќе прочитана книга и не поминува. Кога веќе го споменуваат Ванчо Михајлов да изнесам некои факти. На пример, во Република Македонија може да се чита „Мојата борба„ на Хитлер, но не и спомените или било што друго од Михајлов. Како најцрн лик во македонската историја, зошто од старата добра УДБ-а бил испратен на интервју со него писателот Борис Вишински, зошто и за какви потреби од неговата лична секретарка Вида Боева била барана целата негова архива, зошто била воспоставена соработка со МПО, со која тој со децении соработувал, зошто е преземена нејзината архива…? Одговори има, само се уште нема кој да ги работи тие архиви. За да може Михајлов и натаму да служи како плашило и средство за етикетирање.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top