недела, 22 јули 2018 | Вести денес: 17 ново

Познати групите за женската Лига на шампиони

Во Виена денеска се одржа ждрепката за групната фаза од ракометната Лига на шампиони во женска конкуренција, каде за жал Македонија нема свој претставник.

Системот на натпреварување останува ист како и минатата сезона и се состои од четири групи од четири тима во првата фаза, а првите три одат понатаму во главната фаза, од каде најдобрите четири ќе изборат пласман за четвртфиналето. А, за крај останува Ф4 турнирот кој повторно ќе се одржи во Ласло Пап арената во Будимпешта.

Во групата А, носител е црногорскиот претставник Будуќност, а тука се и Мец (Франција), Оденсе (Данска) и Ларвик (Норвешка). Како носител, во Б групата е четвртопласираниот од завршниот турнир минатава сезона, руски Ростов Дон, а ќе му се приклучат уште и тимовите на Копенхаген (Данска), Савехов (Шведска), како и Брест Бретања (Фра).

Унгарски Ѓер, кој е и актуелен бранител на титулата, ќе биде носител во групата Ц, каде ќе се сретне со Турингер (Германија), Крим Меркатор (Словенија), а тука ќе биде и екипата која ќе избори пласман преку квалификациската група 1. Во последната група Д е учесникот од последниот Ф4, романски ЧСМ Букурешт, како и Вајперс Кристијансанд (Норвешка), ФТЦ Ференцварош (Унгарија) и квалификантот од втората квалификациска група.

Ждрепката за квалификациските групи се одржа во средата, па во групата 1 се тимовите на Битигхајм (Германија), Бера Бера (Шпанија), Лублин (Полска) и Салермо (Италија), додека во втората група се Крајова (Романија), Јагодина (Србија), Подравка (Хрватска) и Муратпаша (Турција). Квалификациските турнири се играат од 7-9 септември, а групната фаза ќе започне на 5. октомври.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top