понеделник, 16 јули 2018 | Вести денес: 67 ново

Мори чупи костурчанки – мори чупи касторанки


Етномузикологот и истражувач во Институтот за фолклор „Марко Цепенков„, Велика Стојкова, неодамна, како што пренесе порталот Експрес.мк отвори пет дилеми, што ги мачат научниците во врска со договорот со Грција. Без никаква партиска позадина, таа од компетентни и информирани лица, меѓу другото, побара разјаснување дали при научните истражувања поврзани со граѓаните на Грција, Бугарија и Албанија, а со Македонски идентитет и/или потекло (вклучително и тие што живеат во Република Македонија и дијаспората), ќе бидат казнувани како научници или ќе им биде забрането да споменуваат било каква врска (фолклор, митологија, историја, научно потврдени историски документи, археологија, лингвистика… ) на некогашните или сегашни граѓани на Грција со македонски идентитет, или македонски топоними, или било што што се носи со терминот македонски?!

Не дека останатите четири дилеми се помалку важни. Напротив. Оваа е посебно интересна зашто доаѓа од институција и професија, која не познава граници и е директно поврзана со македонскиот фолклор и отвора редица дополнителни дилеми. Што ќе прават, на пример, групите „Љубојна„ или „Баклава„, многубројните културно-уметнички друштва, останатите музички групи со нивните изведби на песни од, сега веќе исклучиво грчка Македонија, што ние историски и мемориски ја познаваме како Егејски дел на Македонија?

Дали ќе се правиме дека воопшто не постоеле или нема да постојат, дали ќе биде забранета нивната изведба на концерти, на веселби, на свадби, дали ќе бидат отстранети од Јутуб каналот, дали ќе треба да ги препеваат  со грчки топоними, како што предвидува договорот…

Ќе наведам само неколку примери. Каков ќе биде насловот на една однајпопуларните песни „Мори чупи костурчанки„? Ако се препева одново таа ќе треба да гласи „Мори чупи касторианки„! Зашто, повеќе не ќе смее да се користи Костур, туку Касториа. Натаму, во песната „Лено мори„, пак, се користат три придавки изведени од топоними. Па, вели:„Твоите очи Лено мори, воденски череши се…твојта уста Лено мори, костурско кутивче е…твојто лице Лено мори, леринско симитче е…„. Согласно договорот, пак, ако се препеваат, тогаш ќе треба да се пеат како:„Твоите очи Лено мори, едески череши се…твојта уста Лено мори,
касторианско кутивче е…твојто лице Лено мори, флоринско симитче е…„. Или песната „Излегу да се прошетам„. Вели:„Излегу да се мамо рашетам, по д,мбенски ливади, крај косеските извори…„. Со закон донесен на 31.08.1926 година, сите словенски топоними се грцизирани, па Д,мбени сега е Дендрохори, што ќе рече дека текстот ќе треба да се препее во „…по дрендохорските ливади…„.

Ова се само мали секвенци. А, на нив ќе треба да се додадат уште милион други прашања, што секојдневно ќе излегуваат на виделина во животната пракса.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top