вторник, 25 септември 2018 | Вести денес: 0 ново

Лидерството на Заев и неодговорноста на Црвенковски

 Предраг Димитровски

Угледниот, честитиот и достоинствен премиер на, се уште, Република Македонија, Зоран Заев, човекот кој додека го дише овој македонски воздух, додека го држи памет дека неговиот дедо, татко, сите негови претци, тој, неговите син и ќерка се Македонци, родени овде во Македонија, немаше да го смени името на државата, но и не само тоа, туку и веруваше дека не постои роден човек во Македонија, кој е подготвен да излезе пред Парламентот и да побара промена на Уставот заради промена на уставното име, човекот кој, сепак, ќе биде премиер на Република Северна Македонија, викендов се јави со интервју за белградска „Политика“. И пак кикс. Автогол. Што би рекла тета Сабинче, како нешто да е малку нервозен. За жал, тука не помагаат никакви закани кон медиумите и нивни соработници, ниту цела армија владини пи-ар стратези.

Повторувајќи ги веќе како голи, излитени фрази патриотската должност на секој политичар, посебно на секој премиер, да се грижи за интересите на граѓаните кои му ја дале довербата и за интересите на државата, како и неговата подготвеност за лидерство, да води во сите процеси, што значат безбедност, зацврстување на меѓународните позиции на Македонија, а и на регионот, тој, меѓу другото, се осврна и на претстојниот референдум.

– Граѓаните, ќе се изјаснат на референдум за историскиот договор со којшто државата оди напред. Тоа што е до мене и што е до Владата, ние ќе го направиме, ќе се обидеме целосно и темелно да им ги доближиме на граѓаните придобивките од договорот со Грција и да ги расчистиме сите предрасуди со коишто неодговорни политичари, водејки се од лични интереси ја замајувале или ја замајуваат јавноста. Јас сум непоправлив оптимист како што знаете и верувам дека референдумот ќе успее, а тоа ќе значи успех за секој граѓанин на Македонија. Но, како и да е, ние како Влада јасно ќе го образложиме својот став пред референдумот. Дали тоа ќе имаат аргументи и храброст да го направат и другите политички субјекти ќе видиме. Ама зборот на граѓаните ќе мора да го почитуваат сите, и претседателот Иванов, и опозицијата, и ние како Влада, појасни премиерот Заев.

Што боде тука и веднаш паѓа в очи? Формулацијата и неговата оценка за предрасудите и неодговорните политичари, кои водејќи се од лични интереси ја замајувале или ја замајуваат јавноста. Колку и да се гледа ова во контекст на референдумот, сепак, кога станува збор за политичари, работите не треба да се генерализираат и во ист кош да се стават сите. Зашто, не треба да се заборави дека тој, референдумот, е епилог не само на тридецениски, туку на вековен спор.

Вака како што е кажано излегува дека од осамостојувањето, па до неговото преземање на премиерската палка сите биле со предрасуди и неодговорни политичари. Од Киро Глигоров и Борис Трајковски, обајцата претседатели на Република Македонија, едниот во два мандата, а другиот со еден и тоа не целосно реализиран поради авионската несреќа во која го загуби животот. За едниот атеистички и со идеолошка нишка ќе кажам нека му е вечна славата, а за другиот христијански Бог да му душа прости. До Никола Кљусев, Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, повторно Бранко Црвенковски до преземањето на функцијата шеф на државата, Хари Костов, Владо Бучковски, Никола Груевски-сите премиери на Република Македонија и сите до еден, според Заев, неодговорни политичари. Како не им е срам! Ниту еден од нив не успеа да ги реши децениските проблеми со соседите и да ја внесат државата во НАТО и ЕУ. Немале одважност и неопходно лидерство за да носат достоинствени одлуки.

Но, лицемерието е страшна работа. Истиот Заев, чинам минатиот месец, во духот на новото време, со ФБ статус, ја одбележа 101 годишнината од раѓањето на Глигоров и притоа, меѓу другото, напиша: „Киро Глигоров е првиот претседател на самостојна и независна Република Македонија и личностa којa ги поврза двата столба на македонската државност… Претседателот Глигоров со мудрата надворешна политика ја отвори вратата на Македонија кон светот, модерните демократии и остави личен печат кон нејзината меѓународна афирмација. Ќе го паметиме по неговото лидерство, искуство и мудри политики во начинот на раководењето со државата во тешките и критични моменти во деведесеттите години… Македонија едно општество за сите, со економски просперитет, интеграција кон ЕУ и НАТО, со институции во служба на граѓаните и демократски реформи. На одбележувањето на 101-та година од раѓањето на Киро Глигоров ја испраќаме пораката дека ќе се водиме по овие столбови кои значат сигурност за нашата држава, затоа што Македонија е сѐ што имаме!“.

Во монографијата „Бранко Црвенковски, записи за едно време, пет години на чело на Република Македонија„, објавена 2009 година во, условно речено, нејзиниот предговор, меѓу другото стои: „…Бранко Црвенковски, како политичар кој беше континуирано присутен во периодот на транзицијата, ја презема претседателската функција, носејќи го со себе својот политички багаж и своето непроценливо политичко искуство. Во текот на својот претседателски мандат како стратешки приоритети за својата активност ги постави и работеше на зачленувањето на Република Македонија во ЕУ и НАТО, за чие остварувањебараше и поттикнуваше целосен политички, етнички и општествен консензус и за таа цел се обидуваше да го мобилизира целокупниот општествен потенцијал…“.

Да, тоа е истиот Црвенковски, кој му ја отстапи лидерската позиција на Заев во СДСМ што, како што велеше, ја чувствуваше како негова куќа. И сега тој е неодговорен политичар, што ја замајувал јавноста заради лични интереси! Сепак, колку и да се истакнува желбата за лично лидерство, и во политиката мора да се има етика и морал. Сосема истото важи и за сите споменати личности било од СДСМ, било од ВМРО-ДПМНЕ.

П.С. Бранко Црвенковски на времето знаеше да каже дека со ситни души држава не се прави. Од оваа временска дистанца бил во право. До некаде. Баш би сакал да го слушнам неговиот одговор на прашањето-ако не со ситни, дали држава се прави со продадени души? Лично мислам не. А, тој?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top