четврток, 19 јули 2018 | Вести денес: 41 ново

Ана Голејшка Џикова, писателка: Теченијата од животот испишани на страниците во „Напишан дом“

Буквално за пет години испишав уште мнооогу песни, но „Напишан дом“ ја виде светлината на денот, и тоа не е случајно. Не кријам ништо во своите песни, напротив – се изложувам. Мислам дека тоа е мојот начин да се приближам до секој што сака да го доживее она што јас го доживувам, мислам, запишувам. Убавината. Радоста, чувствата. Се’ што поезијата значи и означува. Важно е што ние ќе бидеме секогаш на браникот на поезијата, вака Ана, девојката со хумано срце и широка насмевка за „Република“ го опишува своето творење, течението од животот преточен во прекрасна поезија.

Ако пред пeт години зачекори помеѓу големите на пишаниот збор со својата ,,Љубов на улица” денеска ги зацврстува отпечатоците со ,,Напишан дом”. За оние кои не го знаат нејзиниот приватен живот можеби ова се само вообичаени зборови фрлени врз кориците, но ако сте споделиле неколку збора повеќе ќе се запрашате дали овде има нешто повеќе. Ана Голејшка пред пет години беше вистинска љубов на улица, денеска многу повеќе од тоа во својот дом кој започна да го испишуваш, колку се овие наслови дел од твоето секојдневие?

– Aна Голејшка во меѓувреме стана Ана Голејшка Џикова, што значи создаде уште еден дом повеќе  Пред пет години ги барав одговорите и љубовите по градот како топос, низ улиците на Скопје, но и светот што ме инспирираше во секоја своја точка. Наивноста си ја доживував целосно слободно и без мака ги творев сите песни што ме будеа наутро со кафето во канцеларија, или со доцните полноќни сновења по концерт или пијанка. Едноставно се’ што леташе, јадев Сега сум надградена некако 😀 Како да сум доживеала уште неколку животи измеѓу.
Буквално за пет години испишав уште мнооогу песни, но „Напишан дом“ ја виде светлината на денот, и тоа не е случајно. Аплицирањето на АнаКонкурсот и поддршката на книжевниот центар Антолог се случија во период кога ми се случуваа мошне важни работи, одлуки и емотивен раст. И сето тоа доби смисла. Овие наслови се како течение на мојот живот.

Оние кои ја прочитале ,,Љубов на улица” знаат што да очекуваат помалку или повеќе, но за оние кои ,,Напишан дом” ќе им биде прва средба со тебе дали на страниците ќе ги почувствуваме мислите на Ана, чуствата, убавините или порака која сакаш да ја пренесеш?

– Апсолутно да. Не кријам ништо во своите песни, напротив – се изложувам. Мислам дека тоа е мојот начин да се приближам до секој што сака да го доживее она што јас го доживувам, мислам, запишувам. Криење и метафорите не се мој фах. Никогаш не ни биле. Всушност, мојот карактер и живот се перформативни и јас сакам да гледам и да ме гледаат. Tака е и со пишаниот збор. Кога некој пишува убаво, си викам – Уф, колку добар текст! Или песна. Сакам и кај мене да го пренесам тоа. Убавината. Радоста, чувствата. Се’ што поезијата значи и означува.

Ана Голејшка е урбан лик кој е секојдневно помеѓу нас. Ќе ја сретнеме на улиците низ Скопје, на телевизија, во книжара, на кино…Како Ана реагира на возвратните пораки кои ги добива од оние кои минале низ нејзините зборови?

-Ги сакам луѓето, иако бескрајно ме нервираат понекогаш ) Веројатно со годините, си дојде и тој кристализатор низ урбаниот простор. На крајот на краиштата, не сум веќе дете ниту се чувствувам недокажано за да барам аплауз повеќе – доволно ми е да знам дека мојот лик и дело некому му прави неаккви асоцијации, макар тоа било дрвена лажица или забоден нос во торта или патетична песна. Си се дружам со одбрани луѓе што си ги сакам и уживам во промените, што заеднички што индивидуални. Во однос на пораките од околината – со Ѓоко Здравески ги организираме книжевните читања Астални проекции, во Менада. Овој јуни ги заокруживме 40тите и најавивме пауза, затоа што потребен ни е таков временски вентил, а башка јас чекам бебе. И имав реакции од типот – ама ќе ти фалат. Ќе сакаш да се вратиш. Јас велам – не мора по секоја цена, нека дојдат нови генерации и нека смислат нешто ново. Ние ќе бидеме секогаш на браникот на поезијата 😀

Ретвитни оброк е акција која се врзува со името на Ана Голејшка. Многу луѓе, различни судбини и приказни во изминатите години поминаа пред твоите очи. Каков печат оставаат врз тебе овие приказни?

-Ретвитни оброк е приказна што ми го оформи карактерот, ми го приближи суровиот контекст на животот во Македонија без храна и во сиромаштија и ми ги изостри претприемачките желби, иако никогаш немав доволно храброст да отпочнам своја кујна, но никогаш не се знае. Мојата задача што интимно си ја кажувам е да бидам гласна. Да ја пренесам пораката. Да бидам активна.

Иницијативата е составена од многу добри, храбри, свесни луѓе и основната нејзина идеја е да ја спасуваме храната што е возможно да се спаси, и да се подели на луѓе кои немаат достоинствен оброк за време на викендите. Кога одев почесто на делењето оброци во саботите, воопшто не ми беше пријатно да се соочувам со ситуациите што секој еден бездомник или социјално загрозен ги носи. Од друга страна пак, запознав многу луѓе и се чувствувам многу посилна за секакви социјални предизвици и идеи што можат да подобрат нечиј живот, не само вашиот. Во нашава живеачка и секојдневие, лесно е да се биде посматрач, но кога ќе влезете во проблемот, тогаш почнува вистинскиот предизвик, понекогаш борба со ветерници, но и надежта дека ќе најдете решение.

Додека ние уживаме во ,,Напишан дом” каде се мислите на Ана, на некои нови страници?

Мислите на Ана се на море, со мохито, ама реалноста диригира некое друго море, а тоа е бебето што го очекуваме со партнерот да дојде во секој миг 😀

Нови страници ќе има до бесвест. И тоа не само од животот, туку и од сликовницата што веќе се крчка, а работниот наслов и е „Веселата зграда“. Ја пишував кога немав поим што ми се спрема, но иднината сама си дојде во стомакот. Јас само ја запишав и ќе биде подарок за сите деца што сонуваат и се будат во еден поубав свет.

 Разговараше:
К.Н.К

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top