понеделник, 16 јули 2018 | Вести денес: 65 ново

ФУЕН изгласа резолуција со која ги поддржува барањата на Македонците во Албанија

Федералната унија на европските малцинства-ФУЕН (Federal Union of European Nationalities) на 63-от Конгрес што се одржува во Леуварден, Холандија, едногласно усвои Резолуција предложена од македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана.

– Нашето друштво, како официјален член на ФУЕН, го искористи правото да ја достави резолуцијата до Конгресот што се одржува во Леуварден. За неа гласаа сите 260 делегати – претставници на 50 асоцијации на повеќе од триесет малцинства од исто толку земји во Европа, изјави за МИА Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото и учесник на Конгресот.

Резолуција содржи пет точки во кои Македонско друштво „Илинден“ и македонското национално малцинство во Република Албанија бараат од албанската влада корекција на Законот за административна поделба и формирање општина Голо Брдо и општина Гора, во кои би биле опфатени населените подрачја во овие области. Исто така, се бара Македонците да имаат загарантирано најмалку еден пратеник во Парламентот на Албанија.

Од Европскиот парламент се бара да го повлече амандман со кој македонското национално малцинство во Преспа, Голо Брдо, Гора беше прогласено за бугарско „бидејќи во тие региони како и на цела територија на Албанија живеат единствено Македонци, а не Бугари“.

Во документот стои дека „Илинден“ ги осудува „сите напори што ги прави бугарската држава да докаже дека македонското малцинство е бугарско“.

ФУЕН ќе ја достави Резолуцијата до Владата на Република Албанија, шефот на државата, парламентот и меѓународните институци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top