петок, 20 јули 2018 | Вести денес: 50 ново

Заработил 7,8 милиони денари лажејќи дека е управител на фирма

Жител на охридско село лажно се претставувал дека е управител на фирмата во која бил вработен и на тој начин склучувал договори со кои незаконски заработил над 7,8 милиони денари.

Полицијата поднесе кривична пријава против Т.Д. (46) од село Велгошти, охридско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ,,лажно претставување“ и „фалсификување исправа“.

Пријавениот лажно се претставувал дека е управител на фирмата во која бил вработен и во име на фирмата склучил два договори со фирма од Скопје за изработка на 1.300 транспортни торби и 630 конфекциски елеци со додатоци. Потоа, вредноста на увозните предмети повеќекратно, во зголемен износ, ги фактурирал на сметка на фирмата, а ги фалсификувал и потписите на местото ,,купувач“ и „продавач“ и ставал нечитки печати.

На овој начин тој се стекнал со противправна имотна корист од 7.833.375 денари, по однос на еден договор, додека по однос на вториот договор штетата ќе биде дополнително утврдена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top