петок, 21 септември 2018 | Вести денес: 117 ново

Законот е јасен – за НАТО и ЕУ мора задолжителен референдум

„Референдумот е задолжителен на државно ниво кога се одлучува за пристапување во одредени сојузи“, гласи јасно членот 23 од законот за референдум. Ова е само уште еден показател дека договорот со Грција е противзаконски, оти со него Македонија не се обврзува да го организира. А токму такво би било референдумското прашање, барем според она што Тунтев го кажа во Собрание: дали прифаќаме членство во НАТО и ЕУ, под новото име?

Но каков воопшто ќе биде референдумот, задолжителен или консултативен, прецизни изјави од власта нема. Напротив, се калкулира со зборови и фрази. Па според премиерот дури и да бил само консултативен референдумот, резултатите ќе биле обврзувачки. Димитров пак, оди до таму што сугерира можно намалување на цензусот, со што за да биде успешно народното изјаснување нема да треба да излезат повеќе од половината гласачи.

Членот 27 од законот укажува дека консултирањето на народот треба да се направи претходно- тоа значи дека за консултативен референдум, за каков што зборува Заев, сега, после ратификацијата е доцна.

Но без разлика каков ќе биде референдумот, не постои гаранција дека власта ќе ја послуша волјата на народот. Иако сега Заев ветува дека завршницата е во рацете на гласачите.

Евентуалното намалување на цензусот е невозможно без промена на законот. Во неговиот член 30 јасно е предвидено дека, без разлика на видот на референдумот, „одлуките ќе се сметаат за усвоени ако за него гласаат мнозинството од повеќе од половината излезени гласачи“.
Можна ли е промена на законот во од, или по секоја цена само за да се протурка договорот- од власта не откриваат, но судејќи според сите досегашни чекори- сите опции се во игра и ништо не се исклучува.

Извор: Алфа

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top