недела, 23 септември 2018 | Вести денес: 9 ново

„Квин симфони шоу“ вечерва во Градскиот парк во Скопје

Концерт „Квин симфони шоу” на кој ќе настапи познатиот „Квин ријал трибјут” бенд од Србија заедно со оркестарот на Македонската филхармонија и Хорот на Македонската опера и балет ќе се одржи вечер во 21 часот во Градскиот парк во Скопје.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на прес-конференција рече дека во соработка со Младинскиот култура центар и Македонската филхармонија продолжуваат со атрактивни содржини кои ќе ја збогатат летната културна понуда во градот. Посочи дека познатиот бенд на бината што ќе биде поставена пред Школка, со оркестарот на Македонската филхармонија и со хорот на МОБ ќе ги изведат најголемите хитови на една од највлијателните рок-групи на сите времиња „Квин“.

Менаџерот на бендот, Пеџа Стојниќ рече дека вечер ќе има спектакл во Градскиот парк во Скопје. – Сме свиреле во разни метрополи. Ова што Скопје го прави е на ниво на големите европските градови во кои во летниот период се одржуваат големи концерти, големи културни манифестации, додаде Стојниќ.

„Квин ријал трибјут“ ќе настапи во состав: Иван Ристановиќ – вокалж, Ненад Бојковиќ – гитара, Иван Дерфи – бас и Радош Чапин – тапани.

Бендот во Бразил одржал повеќе од 70 концерти, а досега настапил и во Португалија, Франција, Чешка, Швајцарија, Австрија, Бугарија, Романија, Словенија, Албанија, Хрватска…Фронтемнот носи идентични костими какви што носеше легендарниот Фреди Меркјури, додека гитаристот користи модел на гитара како Брајан Меј…

„The Show Must Go On“, „We Will Rock You“, „Bohemian Rhapsody“, „I Want To Break Free“ и „We Are The Champions“, се само некои од мегахитовите на легендарната група „Квин“ кои ќе можат да се слушнат во Градскиот парк, заедно со оркестарот и хорот со кои ќе диригира Милош Јовановиќ, кој наедно е и автор на аранжманите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top