недела, 22 јули 2018 | Вести денес: 16 ново

Заев да му се извини на македонскиот народ!

 Алдо Климан

Владата на Република Македонија на своите официјални страници на 21 јуни 2018 година објави текст под наслов Премиерот Заев категорично демантира клевети и навреди изнесени во текстови на порталот „Република“ (http://vlada.mk/node/15008), во кој, меѓу другото, се реферира и на моето име и на мојот текст „Денес црни скотови ни ја силуваат нашата мајчичка Република Македонија” (https://republika.mk/928386), објавен во рубриката Колумни на 17 јуни 2018 година, тој Најцрн и Најсрамотен ден за македонскиот народ, кога е потпишана безрезервната капитулација на Македонија пред фашистоидното насилство на Република Грција над Република Македонија, олицетворено во грчките и меѓународни политички насилници, министерот Коѕиас и премиерот Ципрас, и во присуство на кумовите на тој надреален нецивилизациски злостор во 21 век, Федерика Могерини, Метју Нимиц и Јоханес Хан.

Старата мудрост вели: „Кога умот би се купувал на пазар, секој би си го купил својот ум”. Така и господин Заев. Тој си го купил својот ум на некој од пазарите во Бугарија, во Грција или во Албанија, или секаде по трошка, и сега пресреќен и презадоволен си живее со тие три трошки ум. Нему, како на сите диктатори и предавници, воопшто не му е важно тоа што со тој свој три-трошки-ум, со кратки, дрски, манијакално безобѕирни потези го унесреќи и длабоко го понижи целиот македонски народ.

Перцепцијата што луѓето ја имаат за себе е крајно субјективна и тие сакаат да си се видат онака како што самите си се замислуваат себеси и како што најмногу им се допаѓа: во најубава светлина. Таков е случајот и со господин Заев. Тој е смртно вљубен во својата розова слика за себеси, и во своите три-трошки-ум, купени на некој од спомнатите големобалкански ајван-пазари.

Но, господине Заев, перцепцијата на вашата личност и на вашето однесување гледано од страна, со наши очи, од луѓе разумни и цивилизирани, е нешто сосема друго од она што вие, ласкајќи си пред огледало, си мислите за себеси, особено перцепцијата на вашата јавна личност, бидејќи така хистерично го јавнавте јавниот, општествениот и меѓународниот живот на Република Македонија, на која ѝ ги свртевте цревата, а мислите дека никој не го гледа тоа што го правите: вашите бедни диктаторски и најбедни предавнички потези, погубни за судбината на македонскиот народ и на Република Македонија, и оти на тие ваши свинштини никогаш нема да им дојде крајот. И Наполеон од Бардовци си верува дека е Наполеон, а сите знаеме дека не е тоа, и ја гледаме неговата страшна лудост. Но тој е таму каде што таквите Наполеони треба да бидат сместени за да им се помогне. За жал, господине Заев, има и многу Наполени што се шетаат слободно низ Македонија, а некои, гледаме, се дограбија и до власта.

Во спомнатото барање за демант и извинување, објавено на порталот на Владата на РМ, слободниот Наполеон Заев наведува дека станувало збор за „клевети, лаги и навреди кои шират невистини за лицата споменати во текстот, без ниту еден факт или аргумент кој може да ги потврди наведените тврдења”. А пак – замислете! – самиот Наполеон Заев, во својот стил на дрдорење празни општи фрази за сѐ и сешто, во своето писание воопшто не наведува за какви тоа конкретни „клевети, лаги и навреди” станува збор. На тој начин, всушност, токму тој е тој што шири клевети, лаги и невистини за содржината на мојот текст, притоа злоупотребувајќи го официјалниот портал на Владата на РМ, што му се може, нели.

Но да го пуштиме тоа настрана. Интересно е нешто сосема друго: зошто Зоран Заев токму сега се јави со ваква реакција?

Имено, од моментот кога со сите ужасни, невидени, ненормални и неморални меѓународни притисоци, плеткања и интервенции, безобразно се дограби до политичката и извршна моќ над нашата татковина Република Македонија и над судбината на нашиот напатен македонски народ, во јавните медиуми и во секојдневните комуникации, за Зоран Заев и за неговата ступидна „расформирачка” политика, веќе впишана со црни букви на црните страници на македонската историја и од народот проколната како Заевштина, е создаден цел еден лексикон најубави македонски грди и подсмевливи зборови што совршено точно го осликуваат во целосната негова диктаторска, квислиншка и предавничка изопаченост. Од високо, од позицијата на бесчувствителната и безобѕирна власт, господин Заев се обиде, преку ангажманот на неговите тнр. „невладини организации” да се покаже како благороден заговорник против „говорот на омраза”. А кај него тоа изгледа вака: додека ти ги кинам дробовите, додека те разнародувам, додека ти го бришам името Македонка, Македонец, додека ти ја раздржавувам државата Република Македонија и ја давам на милост и немилост на соседните грабежливи политики – предлагам, вели тој, во нашиот „дијалог” да нема „говор на омраза”, туку да си се обраќаме „цивилизирано”, на галено.

Е така, господине Заев, може да размислува само оној Наполеон од Бардовци кој по игра на случајот е на слобода, па дури се дограбил и до власта. Ние сме на спротивните страни. Ова е војна на живот и смрт, бескомпромисна војна за Слобода или Смрт на Македонија! Вие безобѕирно ги предадовте македонскиот народ и Република Македонија – ние правиме сѐ тоа да го оневозможиме. Галењето и белите ракавици оставете си ги за своите „големи пријатели” кои не се делеа од вас додека на црниот грчки жртвеник ѝ ја сечевте главата на Република Македонија. А за тоа, простете, номенклатурата што вам не ви се допаѓа е сосема прецизна и непобитна.

Но сега се враќам на прашањето: зошто господин Заев, по толку многу и од сите страни заслужено примени убави литерарно-политички епитети, токму сега се јави со едно вакво писмо? Дали наеднаш сфатил дека во македонскиот народ сите така го викаме како што го викаме, или е само најобичен квислиншки адвокат на своето навредено мало меѓународно друштвенце Коѕиас, Ципрас, Могерини, Нимиц и Хан, кои во Нивици сведочеа на убивањето на Република Македонија, на македонскиот народ, на македонската историја, на македонската култура и македонскиот јазик? Можеби тие се повредени од епитетот фашистоидни, па сега Заев станува во нивна одбрана?

Како што реков погоре: не е важно како ние самите си се доживуваме или како партиски си се викаме, туку тоа какви сме навистина и што правиме, и што нѐ одредува како вакви или онакви. Така е и со Заев и со сите нив.

Имено, тоа дека Грција никогаш не е излезена од маѓепсниот круг на својата цел еден век стара, гнила, фашистичка наркоза и пијанство веднаш ќе докажам.

Според истиот урнек како италијанскиот фашизам на Мусолини кој безобѕирно им ги менуваше, те. ги поталијанчуваше словенските имиња и презимиња на многубројниот хрватски и словенечки народ, како и имињата на градовите, селата и другите топоними на окупираните територии во Истра, Далмација и Словенија, така и грчките власти по 1913 година и подоцна меѓу двете светски војни, како и во времето на најцрната фашистичка диктатура во Грција до 1972 година, и се разбира сѐ до денес, само под поинакво политичко име, најгрубо погрчија и прекрстија сѐ живо, и со грчки имиња ги преименува илјадниците македонски и други негрчки топоними низ цела Егејска Македонија. Во Италија под Мусолини никој не смееше ни да помисли да се смета и да се наречува Хрват или Словенец, туку само Италијанец. Италијанскиот фашизам не познаваше национални малцинства.

А погледнете ја денешна Грција, во 21 век, членка на ЕУ: во неа „нема” национални малцинства, таа е етнички совршено „чисто елинска” земја. Споредбите лесно би нѐ однесле и до онаа друга „чиста” и „очистена” нација, како што беше германската во времето на Хитлер. Е, ако вашите пријатели, а всушност „волчји пријатели” на македонскиот народ, не сакаат да бидат споредувани или ставани во ист контекст со своите фашистички претходници и идоли, и ако тоа ги навредува, тогаш грчките власти (а тие се власт!) најнапред треба да им дозволат на националните малцинства, а во нашиов случај на нашето многубројно македонско национално малцинство во Егејска Македонија, и каде и да ги има низ цела Република Грција, слободно да се изјаснуваат за својата македонска народност, слободно да го зборуваат и да го учат својот мајчин македонски јазик, и слободно да се наречуваат Македонци,

Но неразделните „најголеми пријатели” на Заев, Димитров и Шекеринска – Коѕиас и Ципрас, за жал, ѝ припаѓаат на таа мрачна грчка политика, која е само малкуцка поперфидна, поприкриена, залижана и зашеќерена со слатки зборови, за разлика од сировата, манифестантно груба и јасна фашистичка политика на „Златна зора” со која всушност заедно дуваат во истиот барбарски рог, само на тенко и на дебело.

На 17 јуни, господине Наполен Заев, во Нивици не бев јас, ниту македонскиот народ, кој со ужас и гнасење го следеше вашиот велепредавнички чин. Во Нивици, со фашистоидите Коѕиас и Ципрас, кои веќе истиот ден се исмејуваа и се подбиваа не само со македонскиот народ, македонскиот јазик и Република Македонија, туку и со вас, Наполеоне Заев – е, таму во Нивици, со тие фашистоиди не бевме ние, туку вие и вашите „доглавници” Шекеринска, Димитров и Османи, со господата Нимиц, Могерини и Хан.

А со кого си – таков си. А вие навистина убаво и весело се дружевте над гробот на Република Македонија.

Што ви требаше да се плеткате со такво неранимајковско друштво кое има само една и единствена подмолна цел: да ја уништи и да ја поништи Република Македонија, да го избрише македонскиот народ и неговиот културно-историски идентитет и нашиот преубав македонски јазик? Евро-дрзникот Јоханес Хан, persona non grata во нашава блага татковина Македонија, дури сосема забега, и, како штотуку да е во тек „шарената револуција”, си се самоповика тој директно да раководи со евентуалниот референдум за промена на името и да „стори сѐ” референдумот да успее. Еееејјј!!! Ние македонците дури и таквите натрапници и неканети гости ги трпиме, и ги трпиме до еден момент, но потоа велиме „мој, мој, па преку мој!” Ве молам, преведете им го некако тоа на Могерини, Нимиц и Хан кои, освен за тој наш убав адет со натрапниците и неканетите гости, за кој очигледно не знаат ништо – секако се сметаат себеси за големи „стручњаци“ за македонската историја и за нашиот македонски народ, за нашиот идентитет, и за тоа што за нас македонците е најдобро.

Затоа, господине Наполен Заев, го бараме од вас следово:

ИЗВИНЕТЕ МУ СЕ ВИЕ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ЗА СВОЕТО БЕДНО ВЕЛЕПРЕДАВСТВО, МАЛТРЕТИРАЊЕ И НЕВИДЕНО НАЦИОНАЛНО ПОНИЖУВАЊЕ!

И знајте, воопшто не ви се плашиме. Вашите мизерни закани против слободата на мислењето и против слободата на медиумите се само дел од општопознатите диктаторски, авторитарни и фашистоидни (или во вашиов случај подобро фа-шизоидни) методи што одамна на сите им се добро познати од подалечната и поблиската историја и, за жал, особено на нашите трагични македонски сестри и браќа во Република Грција и во Република Бугарија на кои со своите мизерни договори им го свртивте својот предавнички грб и ги оставивте на најбезобѕирна немилост на тамошните антицивилизациски политики.

Господине Наполеон Заев, вие терајте си ја својата наполеонска квислиншка и предавничка политика, а ние за таа ваша „политика” ќе пишуваме најдобро што знаеме, и притоа воопшто нема да ве штедиме. Ако пак тоа не ви се допаѓа и ве боли, знајте дека болката на македонскиот народ поради тоа што за само една година безумно и криминално-политички ни ја раскуќивте татковината е бескрајно поголема.

Затоа, наместо да се заканувате, веднаш одете си, и оставете нѐ да си ја вратиме нашата душичка татковина во нормална, цивилизациска состојба каква што си беше, со респектабилното име Република Македонија што вие така мизерно, предавнички и бесчувствително го извалкавте пред целиот современ свет! Срам да ви е!

Ах, за момент заборавив дека образот ви е како изабен селски опинок!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top