среда, 14 ноември 2018 | Вести денес: 57 ново

Коѕијас го сефтоса „Северномакедонци“

 

Толку беше од владините приказни дека со договорот со Грција е заштитен македонскиот идентитет како Македонци. Требаше да поминат само четири дена од неговото потпишување за да станеме Северномакедонци! А, кумот не е никој друг, туку грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас.

Како што пренесува државната МИА, тој на конференцијата за стабилност и безбедност, што се одржува на Родос, изјавил оти посакува договорот од Преспа да се имплементира и да биде светол пример за решавање на проблемите во регионот. Според него, со постигнатиот компромис двете страни покажале дека „никој не може да го презира другиот и никој не може другиот да го стави во ќош“.

– Не можеме да живееме со реваншизам и иредентизам. Потребно ни е да го прифатиме постоечкото и да најдеме правила за да живееме заедно. Ова го покажа и го покажува договорот од Преспа, кој посакувам да се имплементира и да биде светол пример за сите проблеми во нашиот регион, договорот покажува дека овде немаме спротивставеност меѓу Северномакедонците и Грците, туку имаме спротивставеност, и ова важи за сите конфликти, меѓу силите што сакаат решение и силите на инерција, на кои им одговара нерешавањето и мислат дека може да имаат корист, изјавил Коѕијас.

Според дописничката на МИА од Атина, шефот на грчката дипломатија коментирал дека третата Конференција на Родос оваа година има најголем број учесници, а меѓу поканетите, за прв пат бил и неговиот македонски колега, но не можел да дојде бидејќи, како што рекол Коѕијас, „Никола Димитров имаше „битка“ во Собранието за Договорот што го потпишавме“.

Дипломатската вештина на Коѕијас и овојпат доаѓа до израз. Зашто, вниманието го префрла на „силите што сакаат решение и силите на инерција, на кои им одговара нерешавањето и мислат дека може да имаат корист„, а не на суштинското прашање за Македонците и нивниот идентитет. И се случува токму она на што предупредуваа(т) сите-и домашните експерти, и граѓаните, и политичките партии дека со менувањето на името на државата се менува и идентитетот на Македонците. Зашто штом Коѕијас еднаш нè нарече Северномакедонци, повеќе од сигурно е дека тоа ќе го прифатат сите.

Само премиерот Зоран Заев и неговите партиски послушници не убедуваа(т) во спротивното. Ако Коѕијас имал искрени намери, зошто не ја искористил формулацијата од пасошите? Сега, пред најавениот референдум, останува да видиме со какви контрааргументи ќе се напаѓаат сите сетила на веќе прекрстените Македонци во Северномакедонци.

Пишува: Предраг Димитровски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top