среда, 14 ноември 2018 | Вести денес: 59 ново

Заев и Владата продолжуваат со притисокот врз Република – премиерот демантира редакциски став и се заканува со тужба

Од службите на Владата во нашата редакција пристигна барање за демант потпишано лично од премиерот Зоран Заев.

Професионално го објавуваме барањето за демант иако текстот во Република нема за цел да навреди некого лично ниту пак да наштети на нечиј углед. Се работи за редакциски став за договорот со Грција кој споменатите во текстот како претставници на актуелната влада го потпишаа изминатиот викенд. Сметаме дека тоа е во согласност со правото на јавно изразување и слобода на медиуми. Критиката и поинаквото мислење за потегот на Владата не значи лична навреда и омаловажување.

Бидејќи во текстот е изнесена субјективна оцена на конкретниот настан, а не се изнесени тврдења или информации чијашто вистинитост или невистинитост може да се докаже или побие со факти, ова барање го сфаќаме како уште еден притисок врз новинарството и врз слободата на изразување, но и конкретно врз нас, како растечки медиум, врз кој СДСМ со години врши политички притисок поради разидувањето во ставовите.

Барањето за демант се однесува на реченица од текстот „Заев, Шекеринска и Димитров – модерни домашни aндарти“, објавен на порталот Република на 16 јуни 2018 година во 12.00 часот.

„Со договорот, Заев, Шекеринска и Димитров, го оправдаа Германос Каравангелис во чија канцеларија како трофеи биле поставувани отсечените глави на македонските дејци. “

Барање за демант Република

Барањето е објавено и на страницата на Владата на Република Македонија, а споделено е и на Фејсбук страницата на Владата.

Република нема да го повлече текстот, а уште помалку ќе му се извини на премиерот, како што не потклекна на континуираните притисоци на СДСМ и власта и не дозволи уцените и заканите од власта да ги креираат ставовите и уредувачките полтики на нашиот медиум. Го охрабруваме премиерот да постапи според законите и сопственото убедување.

Сакаме да го потсетиме премиерот на една изјава на вицепремиерката Радмила Шекеринска, која рече дека многу е бирно за власта да престане употребата на инструментот тужба за клевета за вршење притисок врз новинарите. Исто така, ако заборавил тој, новинарите не заборавиле, дека најголемиот политички непријател на Зоран Заев се – медиумите.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top