петок, 21 септември 2018 | Вести денес: 117 ново

Тајната служба на нозе: Питер Фонда порача дека синот на Меланија треба да се фрли во кафез со педофили

Американскиот актер Питер Фонда (78) му се извини на семејството Трамп поради пораката на Твитер, која во меѓувреме ја избриша, во која наведе дека 12-годишниот Барон, син на Меланија и Доналд Трамп, „треба да се отргне од мајчините раце и да се стави во кафез со педофили”.

Ѕвездата на филмот „Голи во седло“, кој е два пати номиниран за Оскар, инаку брат на Џејн Фонда и син на холивудската легенда Хенри Фонда, наведе во соопштението дека бил вознемирен поради одвојувањето на децата од родителите на границата меѓу САД и Мексико, пренесе АП.

„Објавив нешто многу непримерно и вулгарно за претседателот и неговото семејство, како одговор на разорувачката слика која ја видов на телевизија. Како и многу Американци, мошне сум трогнат и вознемирен од ситуацијата со децата кои се одвојуваат од своите семејства на границата, но отидов предалеку. Тоа беше погрешно и не требаше да го сторам. Веднаш зажалив и искрено му се извинувам на семејството Трамп за она што го реков и за каква било страдање кои моите зборови можеа да предизвикаат“, навел Фонда во соопштението, кое го објавиле неговиот менаџер и публицист.

Најмалку 2.000 деца имигранти се оттргнати од своите семејства, кои нелегално ја минуваат границата, откако, откако на почетокот на април, Американците почнаа да применуваат нов, контроверзен начин на борба против нелегалната имиграција.
Тоа покрена критики на сметка на администрацијата на претседателот Доналд Трамп и неговата политика на „нулта толеранција“ кон сите кои нелегално ќе влезат во САД.

Трамп, меѓутоа, вчера потпиша извршна уредба со која на имигрантските семејства, кои нелегално ќе ја поминат јужната граница на САД, им се овозможува да останат заедно додека чекаат на исходот од имиграциската постапка.

Во изјавата за британски „Дејли мејл“, претставничката на кабинетот на Трамп, Стефани Гришем, потврди дека тајната служба е информирана за случајот.

– Твитот е болен и неодговорен и УССС (тајна служба на Соединетите Држави) за тоа е информирана – рекла таа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top