понеделник, 19 ноември 2018 | Вести денес: 93 ново

Украдени алатите на археолошкиот тим што истражува на „Стибера“

На самиот почеток на годинашниве археолошки истражувања на античкиот локалитет „Стибера“ кај прилепско Чепигово, тимот на „Завод и музеј“ Прилеп се соочи со бизарна кражба од непознати сторители. Имено, ноќта помеѓу вторникот и средата, непознати сторители ги ограбиле складишните простории на истражувачкиот тим што се наоѓаат кај археолошкиот локалитет „Стибера“, пишува standard.mk

Според раководителот на археолошките истражувања, Душко Темелкоски, крадците украле алат за работа: лопати, дурии, казми, мотики, ситен алат, пластични столчиња и маси. Според првичните проценки штетата била околу 500 евра.

– Во понеделникот ги почнавме годинашниве истражувања на локалитетот „Стибера“, најпознатиот на овие простори по пронајдените мермерни статуи. Кражбата на алати не е прва, зашто претходно пет пати двата објекта за складирање се провалувани, но секогаш тоа било надвор од работната сезона, кога во нив имало помал број алати. Се краделе колички, лопати, казми и железни цевки кои се користат за подигање на натстрешницата за екипата кога работи во лето. Овој пат, првпат се ограбува во екот на работите на теренот. Беше известена полицијата која направи увид, но, за жал, арамиите не оставиле отпечатоци. Ги користеле штотуку купените ракавици за работниците, а беа 15 чифта ракавици за работа. Екипата од музејот се сомнева на одредени луѓе, но ништо не може да се преземе без докази, изјави археологот Темелкоски.

Тој објасни дека тимот наново ги купил потребните алати и денеска истражувањата продолжуваат. Се отвора објектот, се уште непознат, до храмот на богињата Тихе во рамките на локалитетот „Стибера“.

– Објектот кој е до храмот посветен на богињата Тихе, лани го отворивме првпат, а сега ги продолжуваме истражувањата да дојдеме до артефакти кои можеби ќе ни откријат за каков објект станува збор во античкиот град „Стибера“. Ќе се работи активни 20 дена, а годинава од Министерството за култура се одобрени 300.000 денари, прецизира Темелкоски.

Античкиот град „Стибера“, активен од третиот век пред нашата до четвртиот век од нашата ера бил и за тогашно време голем град со околу 20.000 жители. Тој е најпознат по пронајдените мермерни статуи, дел се и во Музејот на Македонија, но најголем проблем, е што локалитетот во најголем дел е на приватно земјиште, сопственост на жителите од селото Чепигово, а државата, смета археологот Темелкоски, не најде доволно интерес да го реши тоа прашање што, пак, отежнува наодите да се конзервираат.

– Тешко е да се конзервираат наодите, бидејќи законот не дозволува проекти за конзервација на објекти кои се во приватна сопственост. Проблемот со откуп или размена на приватното земјиште се уште тапка во место, потенцира Темелкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top