петок, 20 јули 2018 | Вести денес: 50 ново

Се утврдува причината за пожарот во Велес во кој загинаа три деца (фото)

Основното јавно обвинителство Велес заедно со екипа на СВР Велес денеска продолжија со истрагата на терен во остатоците од изгорената куќа кај велешкиот рид Вршник, каде загинаа три малолетни деца од четири, две години и единаесет месеци.

Од вчера теренот кај изгорената куќа го обезбедува велешката полиција.

Гордана Тодорова в.д. јавен обвинител од ОЈО Велес за МИА изјави дека јавен обвинител утрово заминал на увид на терен. Првиот увид по настанот, како што рече, завршил доцна синоќа.

– Ќе се врши подолго вештачење за да се утврдат причините за настанување на пожарот во кој животот го загубија три малолетни деца. Мислам дека денеска не ќе можеме да кажеме кои се причините за пожарот бидејќи очекувам вештачењето да трае подолго. Инаку денеска по наредба на ОЈО ќе биде извршена обдукција на телата на децата и нивна идентификација, бидејќи истите по пожарот се најдени јагленосани, појасни Тодорова.


Трошната куќа со една соба е на непристапен терен во долот на ридот Вршник, во шумата, оддалечена стотина метри од последните куќи.

– Кога стигнавме кровот на куќата беше паднат и ние гасевме, тука беа и родителите, а со нас цело време расчистуваше и таткото. Помисливме дека децата можеби успеале да избегаат од пожарот. Но по расчистувањето на паднатиот кровот во еден агол ги најдовме двете деца, на четири и две години, а под нив и единаесетмесечното бебе. Глетката беше страотна, бидејќи телата на децата беа целосно јагленосани, вели командирот на велешката Противпожарна единица, Љупчо Лепидовски.

Семејството на четириесетгодишните Никола и Марина со четири деца било социјално загрозено и собирало пластични шишиња. Кога се случил пожарот, во куќата не бил нивниот поголем син Стефан, кој во тоа време собирал шишиња. Родителите заминале во продавница за да купат храна и притоа ги заклучиле децата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top